Обилните врнежи ги поплавија и земјоделските ниви, што ја отежнува обработката и го загрозува родот. Според информациите од терен, поплавени се житните полиња во Овче Поле, Пелагонија, големи штети има по нивите и пластениците во Струмичко, а погодени се оризовите полиња во Кочанско. Земјоделците стравуваат дека дел од вложувањата ќе бидат изгубени, особено ако поплавите се повторат во текот на сезоната.
– По нивите има многу вода, што го отежнува влегувањето и понатамошната обработка. Нивите на многу земјоделци се поплавени, што го загрозува родот и го отежнува користењето на државните субвенции. Дождот ги уништи растенијата кои се изникнати, некои се откорнати од корен, а на некои лисјата им се искинати. Ситуацијата е уште полоша имајќи в предвид дека штетите од поплавите ќе се одразат како врз сегашните приноси, така и врз приносите во наредните години и ќе се наруши биодиверзитетот, изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека сè уште се прават процените и оти во наредните денови ќе излезат со точна бројка колкави се материјалните штети, односно колку површини се уништени и кои култури се најзагрозени.
Големи штети има врз житните култури во Овче Поле и Пелагонија, врз оризот во Кочанско и врз градинарските култури во Струмичко.
Според земјоделците, штетите се резултат на неисчистени речни корита и одводни канали.
– Повторно каналите се преполни со ѓубре и обраснати со трева, поради што секој пообилен дожд предизвикува големи штети и последици. Во многу општини има неисчистени канали. Треба да се уредат речните корита и каналите и да не расте вегетација, а водата да истекува, велат земјоделците.
Дождот и големото невреме предизвикаа големи штети врз нивите и врз пластениците во село Муртино, Струмичко. Поројниот дожд и силниот ветер соборија дрвја и предизвикаа значителни штети на земјоделските насади.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски рече дека се уште е рано да се каже колку од земјоделските површини претрпеа штети по поројните врнежи во моментов се работи на санација и нормално функционирање на речните корита, за да нема поплавувања на површините.
-Не можеме да кажеме за колкава земјоделска површина станува збор. Сега се работи на санирање на состојбите на терен. Фокусот е ставен на воспоставување нормално функционирање на речните корита за да нема поплавување на површините. По санирање на состојбите ќе се формираат општински комисии кои прибираат барања од сите што ќе пријават штети. Потоа ќе се направи и проценка на терен, но рано е да се зборува за колкава површина станува збор. Секако, ќе се постапи во рамки на законот и луѓето на тој начин ќе бидат обесштетени, истакна Трипуновски.
(А.С.)












