– Во врска со препораката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која јасно се бара од македонските власти итно да ги забранат градежните активности во близина на Блатото и комплексот „Горица 3“, сè до изготвување на стратегиската оцена и процените за влијанијата за сите проекти врз наследството, укажуваме на сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции – велат од „Охрид СОС“. Оттаму укажуваат дека извештајот за Охридскиот Регион доставен до УНЕСКО не кореспондира целосно со фактичката состојба на терен. Извештајот, неодамна, во УНЕСКО во Париз го презентираше владината делегација, која ги потврди определбата на државата за спроведување на преземените обврски и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот
Извештајот што е испратен во УНЕСКО и се однесува на моменталната состојба со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките, не е реален. Ова го тврди Здружението на граѓани „Охрид СОС“, од каде што велат дека дошле до извештајот што го достави Министерството за култура и туризам до УНЕСКО, кон крајот од јануари годинава, и го разгледале. Според нив, документот не кореспондира целосно со фактичката состојба на терен.
– Во врска со препораката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која јасно се бара од македонските власти итно да ги забранат градежните активности во близина на Блатото и комплексот „Горица 3“, сè до изготвување на стратегиската оцена и процените за влијанијата за сите проекти врз наследството, укажуваме на сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции. Во одговорот од извештајот доставен до УНЕСКО, како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ е урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба е издадено во 2012, односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029). Но, ова штуро образложение воопшто не кореспондира со реалноста. Имено, со донесувањето на Планот за управување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без оглед кога се донесени, мора да се применуваат и спроведуваат согласно со неговите услови, режими на заштита и ограничувања. Ова е потврдено и со одлука на Уставниот суд на Република Македонија, кој утврдил дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, градежните активности за „Горица 3“ започнаа дури во 2024 година, четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена е веќе во тек и обврзувачка – велат од „Охрид СОС“.
Од Здружението претходно посочија дека од искуството низ годините, се работи за извештаи што се повеќе маска отколку некој темелен, суштински документ и најчесто се споменуваат активности што започнале, декларативни заложби, но не и одредени конкретни резултати по дадените препораки. Тие додаваат дека и покрај повеќекратните предупредувања и јасно дефинираните препораки, нивната реализација се одвива бавно, нецелосно или формално, без суштински промени на терен. Постојат препораки што не се исполнети или што се дури прекршени, а датираат од пред речиси една деценија.
Според „Охрид СОС“, особено загрижува фактот што не е почитувана ниту експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежните активности, сè до изработката на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
– Градежните работи не само што не се прекинати, како што е побарано од Комитетот за светско наследство, туку продолжуваат со несмалено темпо. Не е направена ни бараната стратегиска оцена, како ни процените за влијанијата за сите проекти. Одговорот на оваа препорака е сумиран во една единствена реченица, без воопшто да се спомене она што е реално побарано во дадената препорака – посочуваат од „Охрид СОС“.
Иронијата да биде поголема, велат, токму во точката 2.2.2 од Стратегискиот план за рехабилитација, државата си зацртала дека во рок од една до две години (од усвојувањето на планот во февруари 2023 година) ќе изврши „ревизија на издадените одобренија за градење што не се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион“. Во одлука на УНЕСКО од 2025 година, Комитетот бара „итно и ефикасно спроведување на сите неопходни корективни мерки врз основа на препораките од мисиите од 2020 и 2024 година и Стратегискиот план за рехабилитација“.
„Охрид СОС“ го цитира и делот на извештајот на Владата во кој се наведува дека е формиран Централизиран кризен координативен штаб за спроведување на Стратегискиот план, кој функционира директно како тело на Владата и работи под нејзини инструкции, а кој почнал со работа во јануари 2026 година и со мандат да обезбеди координирано, системско и мерливо спроведување на реформите и приоритетите за заштита на ИУВ. Според „Охрид СОС“, ова значи дека планот со мерки за итна рехабилитација бил ставен во фиока цели три години, за сега, за „потребите“ на извештајот до УНЕСКО, да се формира штаб!?
– Со ваквиот пристап, повеќе од јасно е дека македонските институции не ги почитуваат Планот за управување, Стратегискиот план за рехабилитација, не ја почитуваат одлуката и препораката на УНЕСКО, доведувајќи ги во ризик статусот и интегритетот на Охридскиот Регион како светско наследство. Заштитата на Охридскиот Регион не е административна формалност, таа е уставна, законска и меѓународна обврска. Наследството не смее да биде жртва на институционална небрежност – велат од „Охрид СОС“, од каде што бараат итно запирање на градежните активности во Горица и спроведување на обврските согласно со препораките и Стратегискиот план за рехабилитација, целосна транспарентност на надлежните институции и усогласување на сите урбанистички и градежни активности со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029). Оттаму додаваат дека дополнително, за ова ќе го известат и Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
Извештајот, неодамна, во УНЕСКО во Париз го презентираше владината делегација, која, меѓу другото, разговараше и за исполнување на препораките за зачувување на статусот на заштитено светско наследство. Притоа беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот. (Д. Т.)












