Татко од Италија наводно со години криел две момчиња, на возраст од 3 и 9 години, поради страв од корона вирусот. Момчињата, кои италијанските медиуми ги нарекоа „невидливи деца“, беа изолирани, немаа документи и не одеа на училиште. Таткото, 54-годишен Холанѓанец, по коронавирусот бил убеден дека ќе се појават нови вируси кои потенцијално би можеле да се прошират низ целиот свет.
Момчињата, родени во Германија, никогаш не биле регистрирани во Италија. Тие немаат пријатели, не можат да читаат или пишуваат и зборуваат лошо. Тие исто така немаат лични карти, даночни броеви, ниту педијатар. Тие живееле со својот татко и мајка (38), во селска куќа опкружена со зеленило и шуми на ридовите на Лауриана, наведува италијанскиот „Ла Стампа“.
Постоењето на двете деца било откриено од страна на карабинерите за време на поплавата што го погоди подрачјето кон средината на април. Кога полицајците пристигнале на фармата за да му врачат налог за евакуација на таткото, откриле две момчиња кои носеле пелени и живееле во нехигиенски услови. По интервенцијата на социјалните служби, момчињата живеат во две заштитени заедници. Обвинителството покрена постапка за посвојување на малолетните деца, а родителите се сметаат за несоодветни. Имено, „Ла Стампа“ објавува дека мајката е целосно отсутна и незаинтересирана за децата, додека таткото ги занемарува и изолира.
Таткото се брани со поддршка на својот адвокат и вели: „Сопругата и јас им обезбедуваме сè што им треба. Имаат многу играчки, секој со свој лаптоп, многу музички инструменти и своја скијачка опрема. Јаваат пониња во коњичкиот центар и поминуваат многу време на отворено во ресторани и музеи.“