недела, јули 12, 2026
Дома СВЕТ Невидлива епидемија ја пустоши Украина

Невидлива епидемија ја пустоши Украина

230
EPA/OLEG MOVCHANIUK

Меѓународниот комитет за спасување проценува дека дури 15 милиони луѓе во Украина, што е околу половина од населението, имаат потреба од психолошка помош. Со тие проблеми секој се справува на свој начин – едни врескаат на цел глас, други плачат, трети се молат… СЗО предупреди дека 70 проценти од Украинците страдаат од анксиозност, депресија или голем стрес, а последиците врз менталното здравје ќе траат со генерации

 

Покрај неверојатната материјална штета и огромните човечки загуби  од руската инвазија, жителите на разурнатите украински градови се борат и со криза на менталното здравје без преседан. Меѓународниот комитет за спасување (ИРЦ) проценува дека дури 15 милиони луѓе во Украина, што е околу половина од населението, имаат потреба од психолошка помош. Луѓето со тоа се справуваат кој како знае и умее,  пишува „Тајмс“.

Пензионерката Ирина Володкович од селото Кисиливка во јужна Украина чека да поминат нападите со беспилотни летала, а потоа, кога сè се смирува, излегува од својата куќа и вреска во ноќта.

– Врескам толку гласно што целото соседство може да ме чуе. Вие руски идиоти! Кога ќе заврши сето ова? Потоа се враќам во куќата, се гледам во огледалото и си велам: Ќе го преживееш ова, бабо! Можеш да го направиш тоа!, вели таа, додавајќи дека не знае дали овој мал ритуал ѝ помага.

Олха избега во блискиот Николаев за време на окупацијата на селото, но се врати во Кисиловка откако руските сили беа протерани.

– Ние не живееме тука, ние само постоиме. Се обидувам да се мотивирам, но понекогаш се распаѓам и само плачам, изјавува таа.

Мобилен здравствен тим одржал сесии за групна терапија со десетина селени. На прашањето како се справува со стресот една жена рекла „Сè во мене трепери поради беспилотните летала“, а друга одговорила: „Се молам“.

Според Светската здравствена организација, 70 проценти од Украинците страдаат од анксиозност, депресија или од голем стрес. Исто така, СЗО предупреди дека последиците врз менталното здравје ќе траат со генерации. Кризата е влошена од проблеми со спиењето. Во просек, Украинците спијат околу 40 минути помалку од почетокот на војната поради стресот предизвикан од постојаните воздушни напади, според истражувањето на Богдан Бозук, специјалист за ментално здравје.

За милиони Украинци, притисокот врз менталното здравје е зголемен од застојот во мировните преговори и неизвесноста за тоа како и кога ќе заврши војната, најголемата во Европа од 1945 година. Надежите дека претседателот Трамп брзо ќе го заврши конфликтот се заменети со страв од долготрајна војна. Марко Рубио, државниот секретар на Трамп, неодамна изјави дека мировните преговори на САД меѓу Киев и Москва се прекинати на неодредено време поради недостаток на напредок. Тетиана Устиновиќ, жителка на Кисиливка и државен социјален инспектор, за „Тајмс“ вели: „Рекоа дека сè ќе заврши во 2025 година и ние го чекавме крајот. Но, не се случи. Живееме во надеж, што друго можеме да направиме?“

Претседателот Володимир Зеленски, во февруари, изјави дека 55.000 украински војници „официјално“ загинале, но призна дека судбината на многу од нив сè уште е непозната и дека вистинскиот број жртви може да биде трипати поголем. Во Одеса, воениот психолог Олександр Аванесов, кој работи со сопругите и партнерките на загинатите војници, рече дека се обидува да им помогне на своите пациенти „повторно да се пронајдат себеси“.

–Тие разбираат дека човекот го нема, но не го прифаќаат тоа со срце. Тие продолжуваат да живеат како порано, целосно заборавајќи на себе, и по некое време живеат со оваа тага како да е основа на нивниот живот, рече тој.

Многу жени, преплавени од тага, ја носат облеката на своите загинати сопрузи или партнери. Аванесов верува дека ова го отежнува психолошкото закрепнување. Вистинскиот обем на кризата со менталното здравје во Украина можеби никогаш нема да биде целосно познат. Според Националната медицинска библиотека на САД, еден од двајца украински војници страда од посттрауматско стресно растројство.

 

ИЗДВОЕНИ