Невиден одлив на мозоци ѝ се заканува на Америка, првите паметни бегалци стигнаа во Европа

117

Пресвртот се случи кога администрацијата на Трамп предложи драстично намалување на финансирањето на науката, а ги намали и буџетите на националните институти за здравство (НИХ) за околу 18 милијарди долари, односно за 40 проценти и на Националната научна фондација за 5,1 милијарда долари, што е намалување од 57 проценти. Исто така, има масовно отпуштање и затворање на клучни истражувачки програми, а рестриктивните мерки за имиграција им отежнуваат на странските научници да останат. Околу 75 отсто од испитаниците во анкета на списанието „Нејчр“ рекле дека размислуваат да ги напуштат САД, посочувајќи ги Европа и Канада како особено популарни дестинации

 

По враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, САД се соочуваат со одлив на мозоци. Првите американски научници бегалци веќе пристигнаа во Европа. Францускиот универзитет „Екс-Марсеј“ минатата недела претстави осуммина научници од САД што се во последната фаза од приклучувањето кон програмата „Безбедно место за наука“. Тоа е иницијатива наменета за научниците што се плашат дека ќе доживеат или доживеале намалување на финансирањето под администрацијата на Трамп.

Спенсер Хакимијан, основач на хеџ фондот „Толоу капитал менаџмент“, предупреди на „Икс“ дека САД би можеле да останат без најмалку 250.000 научници во следните неколку години.

– Ослободувањето од 250 луѓе што вршат научно истражување, нема да нè направи повторно големи – коментира тој.

Засега, пишува „Индекс“, ова е само прогноза, но бројни индикатори и трендови од анкети и извештаи укажуваат дека егзодусот навистина би можел да биде голем. Мрачната прогноза се базира на податоци од академското списание „Нејчр“. Повеќе од 1.200 од приближно 1.650 научници што одговориле на анкетата на списанието, или околу 75 отсто, рекле дека размислуваат да ги напуштат САД, посочувајќи ги Европа и Канада како особено популарни дестинации. Овој тренд го предводат научниците што се на почетокот од својата кариера, а 80 проценти од испитаниците на постдипломски студии и 75 проценти од докторандите истражуваат какви можности имаат во странство. Според претходно објавени податоци во „Нејчр“, бројот на апликации од американски истражувачи за меѓународни научни позиции се зголемил за 32 проценти меѓу јануари и март 2025 година во споредба со тој период од претходната година. Бројот на луѓе од САД што бараат работа во странство се зголемил за 35 проценти.

Како се случи овој пресврт: од Елдорадо за светските научници, САД да станат место од каде што бегаат тие? Многу едноставно: администрацијата на Трамп предложи драстично намалување на финансирањето на науката, а ги намали и буџетите на националните институти за здравство (НИХ) за околу 18 милијарди долари, односно за 40 проценти и на Националната научна фондација за 5,1 милијарда долари, што е намалување од 57 проценти. Исто така, има масовно отпуштање и затворање на клучни истражувачки програми, а рестриктивните мерки за имиграција им отежнуваат на странските научници да останат.

Не изненадува што овој егзодус може да има „лузни што ќе траат со децении“, заклучи „Блумберг“ во една статија, а Стив Бланк, стратег за иновации од „Стенфорд“, истакна дека ерозијата на американската научна работна сила ќе има последици врз способноста за иновации.

Егзодусот на научници од САД не е само внатрешен проблем туку и процес што ќе ги преобликува глобалната наука, економијата и иновациите, додека истражувачките институции во Канада, Европа и во Азија се натпреваруваат да привлечат таленти што ги напуштаат САД, пишува Си-ен-ен.

Во операцијата „Спојка“, САД привлекоа стотици врвни германски научници по Втората светска војна и со тоа станаа глобален научен лидер, потсетува „Индекс“ и додава дека сега, кога американските научници масовно ја напуштаат земјата, се повлекуваат остри паралели – Америка повеќе не привлекува, туку губи таленти.

Доколку продолжи егзодусот од САД, тоа би можело сериозно да ја промени глобалната научна мапа. Европа би можела да профитира ако ја препознае можноста и им понуди на овие научници услови за работа, вклучувајќи слобода на истражување, сигурност на работното место и долгорочни инвестиции. Таквиот прилив на експерти, како што се наведува, би можел да ги зајакне европските истражувачки институции, да поттикне нова соработка и да ја зголеми конкурентноста во споредба со другите региони.

ИЗДВОЕНИ