
Познатата „Донбас Арена“ не е домаќин на натпревари од пролетта 2014 година, а најновите фотографии што се појавија на социјалните мрежи покажуваат што се случува на овој стадион.
Донецк долго време е под руска окупација, а сега се појавија свежи фотографии од стадионот „Донбас Арена“.
На новите фотографии се гледа фасадата на стадионот и амблемот на Шахтјор со видливи промени.
Русите одлучија да го променат оригиналниот изглед со русификација на името на тимот, па новото име е Шахтер.
Во близина на централниот влез на стадионот се истакнати и знамиња на Русија и таканаречената самопрогласена република ДНР.
За потсетување, „Донбас Арена“ беше отворена во летото 2009 година и стана домашен стадион на популарните „рудари“.
Изградбата на стадионот и развојот на околните области чинеа 400 милиони американски долари.
Од пролетта 2014 година, воените операции во Украина се спроведуваат на одделните територии на регионите Донецк и Луганск, каде што сепаратистите, со поддршка на Русија, ги прогласија таканаречените ДНР и ЛНР.
Шахтјор беше принуден да го напушти Донецк и да се пресели во Киев, а натпреварите ги игра во различни градови на Украина.
Тие се принудени да играат и европски натпревари во странство. Во новата сезона, домаќини ќе бидат на стадионот „Хенрик Рејман“ во Краков, Полска.
„Донбас Арената“ беше домаќин на најдобрите тимови во светот, а овој стадион беше домаќин и на Европското првенство во 2012 година.