Големите промени во Формула 1 што ќе стапат на сила во 2026 година, ќе предизвикаат целосна револуција во спортот. Доаѓаат низа нови правила на ФИА и на ФОМ, а со нив и ново гориво за хибридните мотори.

Секој тим има партнер што ќе му обезбеди нови, 100 % одржливи горива. Сепак, цената, исто така, ќе се зголеми. Во моментов, секој тим во Формула 1 плаќа 20-30 евра за литар. Ова значи дека полнењето резервоар чини приближно 2.000-3.000 евра.

Бидејќи 100-процентните одржливи горива нема да доаѓаат од фосилни извори, нивното производство ќе се состои од користење гасови, комбинација од водород и јаглерод диоксид од воздухот, па трошокот драматично ќе се зголеми. Всушност, се проценува дека еден литар бензин за болидите во 2026 година ќе чини повеќе од 200 евра!

Според грубите пресметки, на секој тим ќе му требаат околу два милиона евра за гориво во текот на целата сезона. Овој потег е важен дел од стратегијата на Формула 1 да биде целосно јаглеродно неутрална до 2030 година. Засега никој не прашува за трошоците.

Новите правила за 2026 година носат значително зголемување на моќноста на електричните системи кај погонските единици – од 120 kW на 350 kW (од 160 на 470 КС), што е речиси тројно зголемување.

Во исто време, моќноста што се зема од турбомоторот V6 со внатрешно согорување, ќе се намали од 750 на 530 КС.

Меѓуоскиното растојание на болидот ќе се намали од 3.600 мм на 3.400 мм, а ширината, исто така, ќе „падне“ од 2.000 мм на 1.900 мм.

Вкупната тежина на болидот ќе изнесува 768 кг, што е за околу 30 кг помалку од, на пример, во 2022 година.

ИЗДВОЕНИ