Селекторот на италијанската кошаркарска репрезентација, Лука Банки (60), со својот потег ги воодушеви сите. Тој го стави на списокот на играчи за репрезентацијата легендарниот Акиле Полонара (33), кошаркар што моментално се лекува од леукемија, а воедно му ја додели и капитенската лента!
Објавената листа се однесува на играчите на кои смета Банки за натпреварите против Исланд (27 ноември) и Велика Британија (30 ноември), во квалификациите за Светското првенство во 2026 година. Меѓу нив се многу млади играчи, како што е крилниот напаѓач Франческо Ферари (19), МВП и лидер на репрезентацијата до 20 години што стана европски шампион во Грција ова лето. Тука е и талентот на Мега Луиџи Суиго, центар висок 220 сантиметри.











