Неуспешна „броманса“: Маск против Трамп – тоа се претвори во личен конфликт 

Американската политика во сенка на кавгата. Трамп му се заканува на Маск со „сериозни последици“ ако ги финансира демократите

357
EPA-EFE/WILL OLIVER

Илон Маск и Доналд Трамп долго време го истакнуваа нивното наводно единство. Сега технолошкиот милијардер и најбогат човек на светот и претседателот на најмоќната држава во светот јавно се караат. Повеќемесечниот сојуз меѓу Илон Маск и Доналд Трамп завршува со јавна пресметка и меѓусебни обвинувања. Маск отиде дотаму што ја оспори лидерската улога на Трамп во Републиканската партија.

Американскиот претседател, за возврат, се заканува дека ќе ги повлече владините договори со компаниите на Маск – на што технолошкиот милијардер возврти дека ќе и ги ускрати на НАСА капсулите Dragon на неговата компанија SpaceX.

Спорот меѓу Маск и Трамп се разгоре поради законот за даноци и буџет што претседателот го промовира под името „Голем убав закон“ (Big Beautiful Bill – BBB). Трамп пред неколку месеци го задолжи Маск радикално да ги намали владините трошоци, а сега, откако се повлече, ги интензивира нападите врз законот, а со тоа и врз администрацијата на Трамп. Дури го нарече законот на Трамп „одвратна гнасотија“.

Сега американскиот претседател Доналд Трамп вели дека ќе има „сериозни последици“ за милијардерот Илон Маск ако ги финансира демократите да се кандидираат против републиканците кои гласаат за сеопфатниот буџетски закон на Републиканската партија.

Трамп, за прв пат јавно беше прашан за контроверзите меѓу нив за време на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа. Тој рече дека Маск, шефот на компанијата за електрични автомобили Тесла, се водел од сопствените деловни интереси. Трамп рече дека Маск немал никаков проблем со законот, додека не дознал дека тој предвидува и намалување на милијарди долари субвенции за електрични возила. Маск одговори дека тоа е лага.

Илон Маск, предложи републиканските конгресмени да застанат на негова страна при гласањето за законот. На Трамп му преостануваат уште три и пол години како претседател, а јас ќе бидам таму повеќе од 40 години“, напиша Маск на својата платформа X. Тој додаде дека тоа е „тема за размислување“ за конгресмените. Маск за само неколку часа објави голем број на постови на оваа тема.

Можеби на некои им изгледа сомнително што Маск зема здраво за готово дека ќе доживее над 90 години, но за членовите на Конгресот неговите зборови се повеќе од празна закана. Со проценета нето вредност од над 300 милијарди долари, Маск е убедливо најбогатиот човек во светот. Минатата година тој инвестираше над 250 милиони долари во кампањата за реизбор на Трамп, иако претходно важеше за демократ. Со својот финансиски потенцијал, тој лесно можеше да ги финансира предизвикувачите кои би го оспориле мандатот на непопуларните претставници во Претставничкиот дом или Сенатот.

Маск своевремено водеше кампања за Трамп, вклучително и во клучната држава Пенсилванија. Трамп сега вели дека лесно би ја освоил Пенсилванија без Маск – што се чини дека дополнително го налути технолошкиот милијардер: „Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите“, напиша Маск на мрежата „Икс“. „Каква неблагодарност“.

Маск потоа упати сензационално обвинение, кое го започна со фразата: „Време е да се фрли навистина голема бомба“. Тој тврдеше дека името на Трамп се појавува во документите поврзани со озлогласениот сексуален престапник Џефри Епштајн. „Тоа е вистинската причина што тие не беа објавени“, напиша тој, а потоа му посака на Трамп „добар ден“. Сепак Маск подоцна ја повлече оваа објава од „Икс“.

Трамп првично не ги коментираше наводите, но помошниците на Трамп изјавија за Си-Ен-Ен дека не веруваат дека нивната врска може да се опорави по нападот на Маск.

Технолошкиот милијардер, исто така, со кратко „Да“ ја поддржа на објавата на „Икс“ во која се повикува на смена на Трамп. Трамп, пак, и се закани на компанијата на Маск со финансиски последици.

„Најлесен начин да заштедиме милијарди и милијарди долари во нашиот буџет е владата да ги откаже субвенциите и договорите на Илон“, напиша претседателот на онлајн платформата „Вистина“. Тој додаде дека отсекогаш се прашувал зошто неговиот претходник Џо Бајден не го направил тоа.

Многу инвеститори на Tesla реагираа панично, а акциите на производителот на автомобили изгубија повеќе од 14 отсто на крајот од тргувањето на американските берзи.

За возврат, Маск објави дека неговата вселенска компанија SpaceX веднаш ќе ги повлече своите вселенски капсули Dragon. Подоцна го релативизираше ова со друга објава на „Икс“, но не беше јасно колку Маск е сериозен тоа.

Вселенските капсули Dragon моментално се неопходни за САД да транспортираат астронаути во вселената. Иако Боинг го разви вселенското летало Старлајнер, на првиот лет со екипаж, астронаутите мораа да останат на Меѓународната вселенска станица од безбедносни причини, поради технички проблеми. Тие беа заглавени на станицата со месеци пред да се вратат во капсулата на SpaceX.

Трамп сега, исто така, за прв пат потврди дека побарал од Маск да се повлече од Вашингтон. Претходно и двајцата се повикаа на правилото според кое надворешните државни службеници вработените можат да бидат ангажирани само 130 дена во годината.

Трамп и Маск во последните месеци демонстративно го покажаа своето единство, така што, на пример, богатиот бизнисмен често го нарекуваат „Првиот пријател“ на претседателот. Заедно се појавија и на лансирање на ракета на SpaceX, како и на турнир во борење.

На Маск му беа дозволени многу работи, на пример, неговиот син слободно се шеташе низ Овалната соба и пред камерите на еден од состаноците.

Кога пропадна продажбата на Тесла, делумно поради десничарските политички ставови на Маск, Трамп организираше автомобилска парада пред Белата куќа и демонстративно купи едно од електричните возила. „Ја сакам Тесла! извика Трамп пред ТВ камерите. Маск дури во февруари напиша дека го сака Трамп „колку што еден хетеросексуалец може да сака друг“.

Сепак, од самиот почеток, имаше шпекулации дека збратимувањето меѓу Трамп и Маск, често со потсмев наречен „броманса“, е чисто прашање на интерес. И дека, пред се, бидејќи и двајцата имаат силно его, овој сојуз не може да трае вечно.

ИЗДВОЕНИ