Нетанјаху вели дека ќе се спротивстави на воспоставувањето каква било палестинска држава

82
epa12415299 Israeli Prime Minister Benjamin Netanyahu speaks during a joint press conference with US President Donald Trump, in the State Dining Room of the White House in Washington, DC, USA, 29 September 2025. In their Oval Office meeting, Trump pressed Netanyahu to accept a peace deal to end Israel’s on-going war in Gaza, and for Hamas to free their remaining hostages. EPA/WILL OLIVER / POOL

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека ќе се спротивстави на сите обиди за формирање палестинска држава, еден ден пред Советот за безбедност на Обединетите нации да гласа за резолуцијата на САД што ја остава отворена можноста за палестинска независност, пренесе „Бета“.

Нетанјаху долго време ја отфрла идејата за палестинска државност. Но, додека САД се обидуваат да го протуркаат својот предлог за прекин на огнот во Газа, израелскиот лидер се соочува со силен меѓународен притисок да покаже поголема флексибилност.

Советот за безбедност утре треба да гласа за предлогот на САД за мандат за меѓународни стабилизациски сили на ОН во Газа, и покрај противењето од Русија, Кина и некои арапски држави.

САД, под меѓународен притисок од земјите што би можеле да испратат војници во идните мировни сили, ја изменија нацрт-резолуцијата и ја зајакнаа формулацијата што се однесува на палестинското право на самоопределување. Најновата верзија вели дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп би можел да обезбеди „кредибилен пат“ кон палестинска државност. Русија, сепак, предложи своја резолуција со уште посилни изрази на поддршка за палестинска држава.

Коалициските партнери на Нетанјаху од крајната десница го повикаа да заземе цврст став против иницијативите. Обраќајќи се пред својот кабинет во понеделник, Нетанјаху нагласи дека противењето на Израел на воспоставувањето палестинска држава „ни малку не се променило“.

Тој додаде дека со децении го блокира секој напредок кон палестинска државност и дека не е вознемирен од внатрешни или надворешни притисоци.

„Не ми требаат ничии потврди, твитови или предавања“, рече тој.

Нетанјаху, исто така, потсети дека планот на Трамп предвидува демилитаризација на Газа и разоружување на „Хамас“.

„Тоа ќе се случи или на лесен или на тежок начин“, рече тој.

Израелскиот премиер, исто така, за прв пат јавно проговори за зголемувањето на насилството од страна на израелските доселеници во окупираниот Западен Брег, велејќи дека „мало малцинство“ стои зад нападите. Палестинците и групите за човекови права, сепак, велат дека нападите се широко распространети и ја обвинуваат владата дека ги игнорира насилството.

Насилството на Западниот Брег ескалираше во последните недели. Палестинските здравствени претставници во понеделникот изјавија дека израелските сили убиле 19-годишен Палестинец, седмо лице убиено таму во последните две недели.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, минатата недела изјави дека постои загриженост дека настаните на Западниот Брег „би можеле да го поткопаат“ она што САД го прават во Газа.

Портпаролот на комесарот за човекови права на ОН, Тамим ел-Хитан, изјави дека ОН регистрирале повеќе од 260 напади од страна на израелски доселеници врз Палестинците и нивниот имот на Западниот Брег во октомври, повеќе отколку во кој било месец од 2006 година.

ИЗДВОЕНИ