Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера сподели статија од американското списание Jacobin, познато по своите антиизраелски ставови, на социјалната мрежа „Икс“.
Иако Нетанјаху очигледно ја сподели статијата за да привлече внимание кон наводните врски меѓу покојниот финансиер и сексуален престапник Џефри Епстин и неговиот политички ривал Ехуд Барак, потегот предизвика контроверзии бидејќи истата статија сугерира дека Епстин работел за израелската разузнавачка служба и ја опишува владата на Нетанјаху од 2019 година како екстремна и заглавена во корупција, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху ја сподели статијата без никаков коментар, а во фокусот беше делот кој се занимава со неодамна откриените пораки на Епстин. Во нив покојниот сексуален престапник тврди дека го советувал поранешниот израелски премиер Ехуд Барак во текот на изборите во 2019 година.
Во статијата се наведува дека е-поштата потврдува низа откритија во последните години кои покажуваа дека двајцата мажи биле многу поблиски отколку што Барак го признаваше тоа јавно. Барак и Нетанјаху се долгогодшни политички непријатели, а Барак стана еден од најгласките критичари на сегашниот премиер, обвинувајќи го дека претставува закана за израелската демократија.
Меѓутоа, статијата на „Јакобин“ исто така се занимава со наводните врски на Епстин со израелските разузнавачки служби, истакнувајќи ги гласовите дека милијардерот педофил бил соработник или на некој дург начин работел за израелската разузнавачка служба.
Обвиненијата за поврзаноста на Епстин со Мосад со години кружат на основа на неговото еврејско потекло, посетата на Израел и пријателствата со Барак, кои можат да бидат само една до многуте истакнати личности со кои се дружел Епстин.
Останува нејасно зошто Нетанјаху одлучи да промовира такви тврдења или дали воопшто бил свесен за целосната содржина на статијата што ја сподели.
Овој потег предизвика осуда кај поранешниот премиер Нафтали Бенет, кој важи за најдиректен противкандидат на Нетанјаху на следните избори. Бенет го обвини премеирот дека со споделувањето на линкот му дава легитимитет на „антисемитско и антиизраелско“ списание.
„Одредена статија му служи политички на Нетанјаху бидејќи напаѓа некого кого го мрази“, напиша Бенет на платформата „Икс“.
„Но, кога шефот на израелската влада споделува содржина од таму, тоа му дава огромен поттик и легитимитет на списание полно со обвинувања против Израел за геноцид, апартхејд и воени злосторства“.
„Непријателите на Израел, вклучително и самото списание, веќе го слават ова како доказ за вистината на лажните заговори против Израел“, додаде тој.
Тврдењата за соработка на Епстин со Мосад не се нови. Порано оваа година, поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлсон, рече дека Епштајн работел за Мосад и дека никогаш не сретнал никого што не мислел така.
Потегот на Нетанјаху го привлече вниманието и на американските коментатори.
Конзервативниот коментатор Мегин Кели ја сподели својата објава со коментарот: „Значи, претпоставувам дека не е антисемитско да се прашува дали Епстин бил соработник на израелската разузнавачка служба и дали не треба само да го земаме зборот на Ехуд Барак за тоа дека не бил? Разбрав.“












