Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека палестинска држава „нема да се случи“ и дека оние земји што ја признале даваат „огромна награда на тероризмот“.
„Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр на 7 октомври – вие давате огромна награда на тероризмот“, рече Нетанјаху во видео изјава.
Тој нагласи дека одговорот на Израел на новите признавања на Палестина ќе дојде откако ќе се врати од Соединетите Држави следната недела, додавајќи дека палестинска држава нема да биде основана западно од реката Јордан, објавува „Тајмс оф Израел“.
„Одговорот на неодамнешниот обид да ни се наметне терористичка држава во срцето на нашата земја ќе биде даден откако ќе се вратам од Соединетите Држави. Почекајте“, нагласи Нетанјаху.
Израелскиот премиер изјави дека под негово водство, Израел ги удвоил еврејските населби во Јудеја и Самарија, како што Тел Авив го нарекува окупираниот Западен Брег, и додаде дека ќе продолжи по тој пат.
Обединетото Кралство, Канада и Австралија денес официјално ја признаа Државата Палестина.
Палестина моментално е признаена од околу 75 проценти од 193-те земји-членки на ОН, но нема меѓународно договорени граници, главен град или армија.
Од ноември 2012 година, има статус на набљудувач, што не е членка на Генералното собрание на Обединетите нации.