Нетанјаху потврди дека Израел ги вооружува клановите во Газа кои се спротивставуваат на Хамас

152
epa11767048 Israeli Prime Minister Benjamin Netanyahu speaks during a press conference in Jerusalem, 09 December 2024. EPA-EFE/MAYA ALLERUZZO / POOL POOL PHOTO

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес потврди дека неговата влада ги вооружува палестинските кланови во Газа за да се спротивстават на Хамас.

Според неговата канцеларија, Нетанјаху во неодамнешното кратко интервју со својот советник Топаз Лука изјави дека „во консултација со безбедносните претставници“ користел „кланови во Газа кои се спротивставуваат на „Хамас“, објави „Тајмс оф Израел“.

„Што е лошо во тоа? Само добро е. Ги спасува животите на војниците на Израелските одбранбени сили (ИДФ), рече Нетанјаху.

Поранешниот израелски министер за одбрана Авигдор Либерман денес изјави дека Израел ги вооружува џихадистите во Појасот Газа, обвинувајќи го Нетанјаху за еднострано одобрување на трансфер на оружје до групата.

Либерман, кој ја предводи опозициската партија Израел наш дом, за израелскиот јавен радиодифузер Кан изјави дека групата била Абу Шабаб, за која рече дека е вооружена банда спротивставена на палестинското милитантно движење „Хамас“, и која во последните денови дејствувала во областа во близина на преминот Керем Шалом под израелска воена контрола.

„Израелската влада обезбедува оружје за група криминалци и осуденици идентификувани со Исламската држава, по наредба на премиерот. Колку што знам, ова не е одобрено од кабинетот“, рече Либерман.

Извори од израелското Министерство за одбрана потврдија за „Тајмс оф Израел“ дека Тел Авив им доставил калашникови и друго оружје на членовите на вооружената група во Газа, со одобрение на Нетанјаху, но без согласност на воениот кабинет, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ