Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од американскиот претседател Доналд Трамп да не ги укинува санкциите врз Сирија, барање што го упати за време на посетата на Вашингтон минатиот месец, објави „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на неименуван израелски функционер.
Функционерот рече дека барањето е поднесено поради загриженост дека прекуграничен напад сличен на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, може да дојде од Сирија.
Функционерот зборуваше под услов на анонимност бидејќи не е овластен да разговара за барањето со медиумите.
Кабинетот на премиерот не одговори веднаш на барањето за коментар, објави израелскиот портал.
Трамп во вторник објави дека ќе ги ублажи санкциите врз Сирија и ќе преземе чекори за обновување на врските со нејзиниот нов лидер, Ахмад ал-Шара, со кого се сретна денес, објави Танјуг.