Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се извини на Катар откако Израел ја бомбардираше Доха претходно овој месец во обид да убие претставници на Хамас, дознава Ројтерс.
Според извор близок до израелскиот лидер, Нетанјаху разговарал по телефон од Белата куќа со премиерот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани. Телефонскиот разговор следел кратко откако Нетанјаху пристигнал во Белата куќа, каде што бил примен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Според Ројтерс, американскиот претседател вчера разговарал и со Катар.
Израел го нападна Катар претходно овој месец, таргетирајќи претставници на Хамас, кој долго време има свое политичко седиште во Доха.
Во тоа време, Катар, сојузник на САД, го осуди нападот како „предавнички“ и „јасно кршење на сите меѓународни закони и норми“.