Нетанјаху му вети на Трамп дека ќе се воздржи од нови напади врз Иран

45
EPA-EFE/RONEN ZVULUN / POOL

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го информираше американскиот претседател Доналд Трамп за време на денешниот телефонски разговор дека ќе се воздржи од понатамошни напади врз Иран, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Трамп изрази верување дека примирјето, кое го објави претходно, ќе биде стабилно, според кабинетот на израелскиот премиер.

Трамп го објави примирјето доцна вчера, а Израел и Иран го потврдија утрово. Но, двете страни се обвинија меѓусебно за прекршувања, при што Трамп рече дека двете го прекршиле договорот за примирје.

Кабинетот на Нетанјаху објави дека четири часа пред да стапи на сила прекинот на огнот, израелските сили убиле стотици ирански безбедносни лица и членови на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Иран, пак, испали бараж од ракети кратко пред крајниот рок за примирје, една ракета шест минути по стапувањето на сила на примирјето и уште две околу три и пол часа подоцна, се вели во соопштението.

„Овие ракети беа или пресретнати или паднаа на отворено и не предизвикаа жртви или штети“, соопшти кабинетот на Нетанјаху. „Како одговор на иранските прекршувања, Воздухопловните сили уништија радарска инсталација во близина на Техеран“, се додава од Кабинетот.

Во телефонскиот разговор со Нетанјаху, Трамп изрази „голема благодарност“ до Израел, кој ги постигна сите свои воени цели, како и доверба во стабилноста на прекинот на огнот, соопшти кабинетот на Нетанјаху, а пренесе Хина.

ИЗДВОЕНИ