Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Израел ќе утврди кои странски сили ќе им дозволи да бидат дел од планираните меѓународни сили во Газа за да се обезбеди крај на војната во согласност со планот на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе „Хина“.
Администрацијата на Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Газа, па затоа силите би можеле да вклучуваат војници од Египет, Индонезија и земјите од Арапскиот Залив. „Ние ја контролираме нашата безбедност и јасно ставивме до знаење, кога станува збор за меѓународни воени сили, дека Израел ќе утврди кои се неприфатливи за нас, така работиме и така ќе продолжиме да работиме“, рече Нетанјаху на состанокот на кабинетот.
„Секако, тоа е прифатливо и за Соединетите Американски Држави, а тоа го потврдија и нивните највисоки претставници во последните неколку дена“, додаде тој. Израел, кој пред две години започна опсада на Газа и воздушна и копнена војна против Хамас во енклавата по прекуграничниот напад од страна на палестинската милитантна група на 7 октомври 2023 година, сè уште ги контролира сите пристапи до територијата.
Минатата недела, Нетанјаху посочи дека ќе се спротивстави на каква било улога на турските безбедносни сили во Појасот Газа. Некогаш блиските турско-израелски односи достигнаа ново дно за време на војната во Газа, при што турскиот претседател Таип Ердоган ги критикуваше разорните воздушни и копнени напади на Израел врз малата палестинска енклава.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој го посети Израел со цел да го зајакне кревкото примирје, завчера изјави дека меѓународните сили ќе бидат составени од „земји со кои Израел се чувствува удобно“, но одби да коментира конкретно за турското учество.
Тој додаде дека идното управување со Газа сè уште не е дискутирано и договорено, во кое ќе бидат вклучени Израел и партнерски земји, но учеството на Хамас е исклучено.
Рубио подоцна рече дека американските претставници добиваат мешани мислења за потенцијална резолуција на ОН или меѓународен договор што би дозволил овластување за испраќање мултинационални сили во. Тие велат дека ќе разговараат за ова прашање денес во Катар.
Нетанјаху денес исто така рече дека Израел е независна земја и ја отфрли идејата дека „американската администрација го контролира и ја диктира безбедносната политика на Израел“. Израел и САД се во партнерство, истакна тој.












