Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека е свесен за цената што Израел ја плаќа на дипломатско ниво и во глобалната јавна сфера поради војната во Појасот Газа.
Тој рече дека најдобриот начин за справување со проблемот е да се „воспостават нови механизми“, а „Тајмс оф Израел“ објави дека неговиот кабинет разгледува предлог за формирање ново тело за јавна дипломатија во рамките на израелското Министерство за надворешни работи.
Нетанјаху, исто така, истакна дека секогаш ќе ја даде предност на победата во војната пред добрите односи со јавноста.
„Ако треба да бирам помеѓу победа над нашите непријатели и лоша пропаганда против нас, јас бирам победа над нашите непријатели, а не обратно“. Не сакам статии во кои се вели дека сме биле поразени од нашите непријатели. Јас бирам победа“, рече израелскиот премиер, против кого со месеци се одржуваат демонстрации низ целата земја.
Зборувајќи за офанзивата во Газа, Нетанјаху рече дека 100.000 луѓе го напуштиле тој град, повторно обвинувајќи го Хамас дека користи цивили како човечки штитови за да ги спречи да се евакуираат.
„Хамас пукаше во жени и деца во нозете за да се обиде да ги спречи да заминат. Сакаме да се фокусираме на терористите и да му дозволиме на цивилното население да замине“, рече Нетанјаху.
Обединетите нации проценуваат дека околу еден милион луѓе остануваат во градот Газа, од кои половина се деца, и дека сите се соочуваат со присилно раселување.