
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им нареди на Израелските одбранбени сили да „извршат непосредни и моќни напади во Појасот Газа“, соопшти неговиот кабинет откако свика состанок за одговорот на Израел на повторените прекршувања на прекинот на огнот во Газа, пренесе „Танјуг“.
Одлуката дојде кратко откако војниците на Израелските одбранбени сили беа нападнати во јужниот дел на Појасот Газа, а во услови на израелски гнев поради понатамошните прекршувања од страна на Хамас, што вклучува враќање на телата на заложниците, објави „Тајмс оф Израел“.
Останките што „Хамас“ им ги предаде на израелските власти синоќа му припаѓаат на Офир Царфати, чие тело беше пронајдено од израелската војска во Појасот Газа во декември 2023 година, помалку од два месеци по неговото киднапирање за време на нападот на „Хамас“.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека акцијата на Хамас е „јасно кршење на договорот“ што го обврзува да ги врати телата на 13-те убиени затвореници кои сè уште се во Газа.











