„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

32

Прехранбениот гигант „Нестле“ објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.

Компанијата ќе ослободи приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето на мерките за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.

– „Нестле“ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови – рече извршниот директор Филип Навратил, додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.

Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави за намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.

Во периодот од јануари до септември, приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на тој период минатата година. Кога се исклучија флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.

За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.

ИЗДВОЕНИ