Евробаскетот стартува денеска, а многумина предвидуваат дека ова ќе биде еден од најдобрите турнири во последните неколку децении. Многумина се надеваат на историски добри настапи од одредени играчи, а овој пат ви донесуваме листа на најдобрите рекорди во историјата на Евробаскетот досега, а на една од нив се најде и најдобриот македонски кошаркар во историјата Перо Антиќ.

Многу се очекува од најголемите ѕвезди како Лука Дончиќ, Никола Јокиќ, Јанис Адетокумбо и многу други. За жал, Македонија веќе со години не може да избори пласман на големиот континентален собир, но сигурно, Македонците веќе имаат свој фаворит на годинашниот Евробаскет.

Најмногу поени во еден натпревар

Најмногу поени во еден натпревар постигна Еди Терас во дресот на Белгија во 1957 година кога постигна 63 поени против репрезентацијата на Албанија, а тоа е апсолутен рекорд и ден денес.

Лука Дончиќ (Словенија) постигна 47 поени во 2022 година, што е втор најдобар резултат, а следните две места ги зазема Никос Галис (Грција) со 46 поени во 1983 година и 45 поени во 1989 година.

Најмногу скокови во еден натпревар

Рекордот за бројот на скокови го држи Арвидас Сабонис, кој имаше 23 скокови во натпреварот против Грција во 1995 година, играјќи за Литванија. Адрис Биедринс од Летонија имаше 20 скока против Франција во 2009 година. Тука е и Перо Антиќ со 19 скокови во 2011 година и дуелот против Финска, а исто толку скокови запишаа и Торнике Шенгелија во натпревар за Грузија против Израел во 2017 година, како Дирк Новицки против Русија во 2005 година, Сабонис против Италија во 1995 година.

Таа 2011 година, кога воедно го остваривме и најдобриот резултат на европските првенства, Пау Гасол исто така имаше добар учинок против нас, со 18 скокови.

Најмногу асистенции во еден натпревар

Томаш Саторански (Чешка) го држи рекордот за најмногу асистенции во еден натпревар на Евробаскетот со 17, што ги имаше против Грција во 2022 година, и со 15 асистенции против Литванија во 2015 година. Следните две позиции ги држат Милош Теодосиќ (Србија) со 14 асистенции против Чешка во 2015 година и 13 против Турција на истиот турнир, додека Ди Бост (Бугарија) исто така имаше 13 асистенции против Турција во 2022 година и Јанис Стрелнијекс (Летонија) против Белгија во 2017 година.

Најмногу украдени топки во еден натпревар

Андреј Кириленко (Русија) и Лиор Лубин (Израел) имаат по осум украдени топки на еден натпревар од Евробаскетот, што е најдобриот настап на сите времиња.

По седум украдени топки на еден натпревар имаат: Михаил Михалов (Русија), Ричард Хауел (Израел), Сергеј Панов (Русија), Адам Војчик (Полска), Џеди Осман (Турција), Андреј Кириленко, Ефтимос Рензијас (Грција), Рикардо Питис (Италија), Зоран Планиниќ (Хрватска), Орхун Ене (Турција), Евангелос Корониос (Грција), Дрор Хагаг (Израел), Марко Јариќ (Југославија), Видас Гиневичиус (Литванија), Рикардо Питис (два пати).

Најмногу блокади во еден натпревар

Андреј Кириленко исто така го држи и рекордот по број на блокади на еден натпревар од ЕП. Тој за Русија против Србија и Црна Гора во 2006 година запиша шест блокади зад своето име, а со исто број можат да се пофалат и Мирза Бегиќ против Србија во 2011 година, како Вјачеслав Кравцов од Украина против Италија во 2013 година.

Тимски рекорд – поени

Полска постигна 140 поени против Англија во 1955 година, што е рекорд на Евробаскетот, додека Југославија постигна 128 поени против Полска во 1987 година, што е втор најдобар резултат. Следат Русите, постигнувајќи 126 поени против Финска во 1995 година, а Чехословачка постигна 123 поени против Финска и Грција во 1957 и 1991 година.

Тимски рекорд скокови

Русија имаше 54 скокови против Финска во 1995 година, а Хрватска имаше ист број против Грција во 2013 година, што е најдобриот тимски настап досега на Евробаскетот. Полјаците и Словенците имаа по 53 скока во своите натпревари против Исланд и Хрватска во 2013 година, додека Турција имаше 53 скока против Исланд во 2015 година.

Тимски рекорд асистенции

Југославија го држи рекордот на Евробаскетот за најмногу асистенции во еден натпревар 33. Ова се случи во 2001 година против Естонија.

Франција имаше 32 асистенции против Полска во 2022 година, како и Србија против Исланд во 2015 година, Литванија против Русија во 1999 година и Чешка против Грција во 2022 година.

ИЗДВОЕНИ