По четири месеци од обвинението за големата несреќа во Кочани, во која загинаа 62 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, Кривичниот суд во целост го одобри актот што резултираше по опсежната истрага на Јавното обвинителство.
– Советот за оцена донесе решение К-ООА бр. 155/25 на 3.10.2025 година, со кое го одобри обвинителен акт во целост, по што се оформи кривичен предмет К. бр. 1872/2 – соопштуваат од Основниот суд.
Предметот веќе е распореден кај судијката Диана Груевска Илиевска и треба да се закаже првото судско рочиште за кое се уште е неизвесно дали ќе се одвива во големата судница на скопска единица. Од судот велат дека судијката Груевска има 19 години судиски стаж, а јавноста ја познава по процесот за сообраќајната несреќа во Ласкарци во која животот го загубија 16 патници. Судењето против Дурмо Турс траеше пет години, највисока доби допственикот на компанијата кој сеуште не ја одлежува затворкста канза поради болест.
Со оглед на тоа што се одолговлечи оцената на обвинението за несреќата во Кочани и траеше речиси исто колку и истрагата, од Судот објаснуваат дека имало многу обвинети и адвокати во предметот и дека било тешко да се достави обвинението до сите.
– Но, и покрај сето тоа, Судот во целост ги имаше предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и, пред сè, чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот. Токму поради тоа се обиде да ги исполни сите законски обврски на најефикасен начин и да го оцени актот во предвидениот законски рок – велат од Судот.
Во известувањето што го испратија од Судот, се нагласува дека Врховниот суд ценел оти случајот треба да го судат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“. Обвиненеито било примено во јули, а на чело на советот за оценка била назначена судијката Моника Бахчовановска и уште двајца помошници, овие и изземените нема да ја судат главната расправа, што значи дека изборот е направен од десетина колку што остануваат кривични судии во скопкска единица.
Дали обвинението требаше да опфати и други лица е прашање што се поставува од прес-конференцијата за неговото објавување од тимот обвинители, на чело со републичкиот Љупчо Коцевски. Ова уште повеќе се актуализира во јавноста по објавата на истражувањето на ИРЛ, во кое беа објавени транскрипти од пораките што си ги испраќале синот на газдата на „Пулс“, Михајло Јованов, и инспектори во УЈП, ДПИ и во полицијата. По објавата на преписката во која на газдата однапред му се најавува инспекција во објектот, од ОЈО објаснија дека се работи за докази што засегаат финансиски прашања, а не од безбедносен аспект и затоа не биле опфатени во поднесеното обвинение во јуни.
Обвинителството цело време тврди дека има цврсти и несоборливи докази против сите 34 обвинети, тие се гонат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедувањето и државни службеници. Клучен за Обвинителството е исказот на сопственикот Дејан Јованов-Деко, кој е првообвинет за големиот пожар што настана во неговата импровизирана дискотека, која со години работела на диво, во Кочани.
Пропустите во системот, непочитувањето на законите, селективната правда во државата се само дел од причините поради кои секоја сабота семејствата на жртвите во пожарот излегуваат на мирен протест, барајќи правда за своите ангели, ама и одговорност од сите што на кој било начин придонеле за трагедијата. Бараат и оставка од премиерот Христијан Мицкоски и од министерот за полиција, Панче Тошковски, поради, како што велат, штитење на своите луѓе во полицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски, последно одговарајќи на новинарско прашање во однос на случајот „Кочани“, изјави дека не е задоволен од работата на Обвинителството.
– И токму тоа беше причината зошто поддржавме во Парламентот смена на Коцевски. А, зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што секој оној што на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со тој случај, да биде изведен пред лицето на правдата – изјави Мицкоски во чија Влада сè уште е функционален обвинетиот Шабан Салиу.
Во Обвинителството за организиран криминал и корупција се води истрага за 13-мина полицајци што се поврзани со случајот. Испреплетената криминална мрежа во која учествувале инспектори, полицајци, градоначалници, министри, служебници, свесно дозволувајќи да работи објект со една врата за излез од смртта, покажа како функционира системот во државата, кој одзеде 62 млади животи и остави уште 200 со физички и со психички последици. (П. А.)