Клаудија Кардинале (1938), легендарната италијанска актерка и муза на познатиот режисер Федерико Фелини, почина на 87 години. Таа важеше за една од најубавите актерки на 20-тиот век, а покрај природно убавите црти на лицето зрачеше и со огромен сексапил. Со филмот започнала да се занимава во 1957 година, откако победила на натпревар за убавина во родниот Тунис, при што добила патување на Венецискиот филмски фестивал. Инаку, Клаудија Кардинале израснала во Тунис во семејство со сицилијанско потекло.

Таа стекна меѓународна славна во 1963 со филмот „8 и пол“ на Федерико Фелини, а глумеше и во „Леопард“ со Берт Ланкестер на Лучино Висконти. Постигна успех и во Холивуд, појавувајќи се во блокбастерот „Розовиот пантер“ (1963) и класичниот вестерн „Си беше еднаш на Запад“ (1968), а имаше улоги и во европски продукции, како што е мини серијата „Исус од Назарет“ од 1977 година.

Фото: ЕПА-ЕФЕ

Сепак, животот на Кардинале зад сцената воопшто не бил гламурозен, напротив, бил исполнет со многу тага, болка и несигурност. На само 17 години, Клаудија била силувана, забременила, но сепак го родила детето.

– Човек што не го познавав, многу постар од мене, ме натера да влезам во автомобил и ме силуваше. Тоа беше ужасна работа, но и најубава работа – мојот прекрасен Патрик се роди од тоа насилство, откри во една пригода Кардинале.

Со родителите и со сестрата Бланш го пораснале детето – како помлад брат, додека таа работела и снимала филмови.

Во Лондон, до самото породување, за неа се грижел нејзиниот продуцент, Франко Кристалди, со кој започнала врска.

– За него, јас бев само подреден вработен, на кого му даваше мала месечна плата за четири филма годишно: дури и не го викав по име, туку по презиме. Бев наивна, не знаев ништо кога го потпишав договорот со него. Нашата свадба беше исто така деловна, тој ја закажа свадбата во најголема тајност без да ми каже ништо, рекла таа.

Сопругот ѝ бил посесивен и љубоморен, па по осум години се развеле во 1975. Сепак, Клаудија вистинската љубов ја пронашла во режисерот Пасквале Сквитери, со кого имаше и ќерка и со кој беше 30 години во брак.

Во својот бурен живот Кардинале беше позната и по тоа што се спротивставуваше на општествените норми, а во една пригода на средбата со папата Павле, се појавила во кратко здолниште.

Таа последен пат имаше улога во швајцарската серија „Бик“ во 2020 година, на 82-годишна возраст. Добитник е на наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал во 2002, а во 2018 година на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола ја доби Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Книгата за нејзиниот живот, „Клаудија Кардинале. Нескротена“, беше објавена во 2022 година.

Кардинале во текот на својот живот снимила повеќе од 150 филмови. Била и активен борец за правата на жените и за заштита на животната средина.

ИЗДВОЕНИ