
Барселона пред неколку дена објави дека му ја одзема капитенската лента на голманот Марк-Андре тер Штеген по дисциплинската постапка што клубот ја покрена против него. Принуден да го напушти клубот по две сезони обележани со сериозни повреди, 33-годишниот голман, кој неодамна беше подложен на операција на грбот, се судри со управниот одбор откако одби да ѝ дозволи на Барса да ги сподели неговите медицински податоци со Ла Лига. Клубот сакаше да го стори ова за да може Ла Лига да ја процени должината на неговото отсуство.
Според каталонскиот печат, Барселона имала намера да го искористи неговото долго отсуство за да ги почитува прописите за финансиски фер-плеј на Ла Лига и да ги регистрира своите нови играчи. Тие не можат да го сторат тоа бидејќи нивниот германски голман одбива да ги сподели овие податоци.
Познатиот новинар, Хуан Игнасио Гарсија-Очоа, го коментираше ова во колумната која беше објавена во весникот „Марка“.
„Нешто смрди во Барселона со месеци. Она што започна како обична гласина и шпекулација за Тер Штеген се претвори во практика што има многу јасно име: мобинг. Да, вознемирување на работното место. И што е полошо, ова не е прв ваков случај во клубот“, се истакнува во него.
Во хронологијата се истакнува за „неосновано и апсурдно“ обвинување од клубот дека Тер Штеген вршел притисок врз тренерот Ханси Флик да биде прв избор на голманот на тимот. Ова е направено со цел да се наруши неговиот имиџ и да се отвори патот за негово заминување, тврди новинарот на Марка.
„После тоа, се случи потег што ги потврди сомнежите: доаѓањето на Жоан Гарсија и притисокот врз Тер Штеген да го напушти клубот. Но, германскиот голман решително одби, што го стави јасно до знаење на прес-конференцијата за време на Лигата на нации. Тој го кажа тоа еднаш, гласно и јасно, и нагласи дека нема повторно да зборува за таа тема за да не се повторува и затоа што не сакаше повеќе бучава отколку што е потребно.“
Тој, човек од збор, знаеше каде стои: Не би ја напуштил Барселона. А зошто би го сторил тоа? Неговата плата, која сега е толку критикувана од менаџерските кругови, е резултат на лични жртви што многумина ги забораваат, драстично намалување што го прифати за време на пандемијата за да му помогне на клубот во еден од неговите најтешки периоди. Она што тогаш се сметаше за гест на лојалност, сега очигледно се претвори во товар од кој сакаат да се ослободат по секоја цена.“
Гарсија-Очоа понатаму пишува дека Барселона, со притисокот врз Тер Штеген, прави „невиден потег кој е на работ на легалноста и професионалното почитување“.
„Не е ли ова класичен пример за мобинг? На ова се додаваат протекувањата на детали од неговиот договор, практика што клубот систематски ја користи со други играчи, како што се Де Јонг, Араухо или Рафиња. Сите тие знаат како е да се биде под лупа, да се чувствува притисок од управата и да се гледа нивното име како се влече низ медиумите. Не е случајно што целата соблекувална сега стои покрај нивниот капитен. Бидејќи не станува збор само за еден голман, туку за токсичен модел на управување кој сè повеќе влијае на расположението на тимот, кој е сè повеќе лут и незадоволен од однесувањето на клубот“.
„Барселона има проблем, а тоа не е само Тер Штеген. Тоа е модел на управување базиран на исцрпеност, внатрешен притисок, контролирани протекувања на информации и занемарување на сопствените играчи. Институција која се гордее со вредности, но не се двоуми да користи многу сомнителни методи кога ѝ одговара“, се заклучува во текстот.