И оваа година, музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ повторно ја носи вистинската магија во Центар. Во сабота, 13 септември 2025 година, со почеток во 19:30 часот во Паркот на франкофонијата, скопјани ќе имаат можност да уживаат во настапите на најпознатите македонски изведувачи: Кристина Арнаудова, Викторија Лоба, Барбара Поповиќ, 2 Бона, Елена Ристеска и Дарио со „Миг-21“. Вечерта ќе ја води Вера Јанковиќ.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува сите центарци, но и жителите на градот Скопје, да бидат дел од оваа музичка вечер.
– Настанот „Нешто што ќе остане“ стана препознатлив белег на културниот живот во Скопје. Горди сме што секоја година го организираме овој концерт кој ги обединува генерациите, ја промовира македонската музика и остава вистинска трага за едно убаво време. Годинава, имаме одлични изведувачи кои ќе се погрижат концертот да биде нешто што ќе остане во нас, но и во културната меморија на Центар – вели Герасимовски.
Неколку години, „Нешто што ќе остане“ е симбол на културна програма која го збогатува Центар, привлекува илјадници посетители и претставува место каде музиката и уметноста создаваат незаборавни спомени.