Нереди низ Европа по блокадата на флотилата во Газа/ВИДЕО

23
EPA/Angeles Visdomine

Пропалестинските демонстранти во Европа го блокираа сообраќајот и вандализираа продавници и ресторани денеска, откако израелските сили пресретнаа флотила со помош за Газа.

Во Барселона, демонстрантите кршеа и пишуваа антиизраелски слогани на прозорците на продавниците и рестораните, вклучувајќи го и синџирот кафетерии „Старбакс“, франшизата за хамбургери „Бургер Кинг“ и синџирот супермаркети „Карфур“, обвинувајќи ги за соучество во израелската офанзива во Појасот Газа, објави Индекс.

Во Италија, студентите ги окупираа универзитетите, вклучувајќи го Миланскиот „Статале“ и Римскиот „Ла Сапиенца“, и го блокираа пристапот до Универзитетот во Болоња со гуми, покажа видео снимки. Во Торино, стотици луѓе го блокираа сообраќајот на градскиот кружен пат, објавија новинските агенции.

Италијанските синдикати повикаа на генерален штрајк во поддршка на флотилата со помош за Газа, а се очекуваат повеќе од 100 маршеви и собири низ целата земја.

Италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Кросето, ги критикуваше немирите и дивјаштвото предизвикано од некои демонстранти.

„Дали некој навистина верува дека блокирањето станици, аеродроми, автопати или уништувањето продавници во Италија ќе му донесе олеснување на палестинскиот народ?“, напиша тој на X.

Низ цела Европа, илјадници демонстранти излегоа на улиците на Даблин, Париз, Берлин и Женева за да го осудат израелското пресретнување на флотилата. Митинзи беа одржани и во Буенос Аирес, Мексико Сити и Карачи.

Независне претходно напиша дека израелската морнарица интервенирала утрово врз флотила која се обидувала да достави хуманитарна помош во Појасот Газа.

Организацијата „Глобал Сумуд“ соопшти дека повеќето од приближно 40-те бродови биле пресретнати и дека екипажите биле префрлени на израелски бродови или упатени кон пристаништето Ашдод, додека некои од бродовите го продолжиле своето патување кон нова дестинација.

ИЗДВОЕНИ