Според најновите податоци, најмалку 51 лице загинало во зимската бура што го погоди источниот дел на Соединетите Американски Држави. Според здравствените власти, најчести причини за смртта се хипотермија и срцеви удари додека го чистеле снегот.
Во сојузните држави Лујзијана, Тенеси и Кентаки пријавени се осум смртни случаи од хипотермија, а во градот Њујорк пронајдени се десет безживотни тела на отворено.
Од хипотермија смртно настрадале и жители на сојузните држави Канзас, Мисисипи, Јужна Каролина, Тексас и Мичиген.
Во Детската болница „Монро Карел Помладиот“ во Вандербилт, Тенеси, хоспитализирани се 46 деца поради изложеност на јаглероден моноксид. Тие се затруле додека нивните семејства се обидувале да се затоплат, а во прекин било снабдувањето со електрична енергија.
Во голем дел од САД останува во сила предупредувањето од студено време. Метеоролозите предупредуваат дека „екстремниот студ“ ќе трае најмалку до 1 февруари. Тие следат уште една евентуална зимска бура, која би можела да го погоди источниот дел на САД за време на викендот. Се претпоставува дека околу 80 проценти од населението на САД ќе биде погодено од температури под нула.
Ниската температура на воздухот и снегот до 51 сантиметри предизвика нарушување на сообраќајот и прекин на електричната енергија. Повеќе од 500,000 домаќинства немаат струја.
„Американ ерлајнс“ (American airlines) соопшти дека досега откажала повеќе од 9.000 летови, од кои 25 отсто се откажани вчера. Ширум САД вчера се откажани над 2.000 летови, а најпогодени се аеродромите во Далас, Бостон и во Њујорк.
Во сојузните држави Лујзијана и Мисисипи е распоредена Националната гарда, чии припадници помагаат во чистењето на снегот и управуваат со сообраќајот.
Нереални сцени беа снимени во Њујорк, каде што ледени брегови пловеа по реката Хадсон, а делови од реката беа делумно замрзнати.
Latest updates 👉️ https://t.co/ciHNDA6tzj | Ice continues to build on the Hudson River surrounding NYC. It's a rare sight, making for stunning visuals as boats maneuver through it. pic.twitter.com/7aaJzEnB6C
— Eyewitness News (@ABC7NY) January 27, 2026












