НЕПРОМЕНЕТИОТ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК НАПРАВИ ПРОБЛЕМ: ЗНАМ и Левица без право да водат кампања преку медиумите 

110

Партијата Движење ЗНАМ за Наша Македонија, која е дел од владината коалиција, и опозициската Левица нема да можат да водат партиска изборна кампања преку медиумите, бидејќи Изборниот законик не го овозможува тоа. Не само што државата нема да им ги плаќа трошоците туку и сами, со свои партиски средства, не ќе може да го финансираат афирмирањето на своите кандидати за општински градоначалници и советници. Ова е првпат некои парламентарни политички партии да не можат да водат изборна кампања пред некои избори. Единствениот излез е во свикување итна собраниска седница на која би се изгласале нови законски решенија, со кои би се отстранила пречката што постои сега во Изборниот законик.

До ова дојде откако, вчера, Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги дефинираа решенијата околу тоа кој ќе има право на државно финансирање на изборната кампања. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на седницата рече дека тие мора да го почитуваат она што го предвидува Изборниот законик. Односно дека распределбата на платено политичко претставување е направена врз обврската да се плаќаат изборните реклами на двете најголеми партии од власта и на двете најголеми партии од опозицијата, на парламентарните партии што имаат помалку од пет пратеници и на вонпарламентарните учесници на изборите. Во овие законски одредби, меѓутоа, не може да се сместат ни ЗНАМ ни Левица, кои имаат по шестмина пратеници во Собранието. Односно, не постои законски основ нивната кампања да биде државно финансирана.

– Ние не сме над Собранието и само го утврдуваме распоредот на партиите од власта и од опозицијата. Агенцијата за медиуми носи соодветно упатство во кое се определува соодветното време за претставување на овие партии за рекламирање – објасни Кондарко.

Измените во Изборниот законик никако да дојдат на дневен ред во македонското Собрание, при што клучното барање е да се расчисти дилемата дали воопшто да има во иднина државно плаќање на рекламите. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вчера жестоко реагираше на неможноста да водат изборна кампања преку медиумите.

– Првпат во независна Македонија, на една легална регистрирана партија ефективно ќе ѝ биде забрането да се рекламира дури и со свои пари! Слушајте ми го зборов, дека ќе се расправа за оваа политичка дискриминација дури и во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Но, оваа неправда што ни ја прават ќе предизвика ефект на бумеранг – потенцира Апасиев.

Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, изјави за весникот ВЕЧЕР дека законските решенија се такви и мора да се спроведуваат и дека нивните предупредувања до Собранието не нашле на одѕив.

– Со посебен допис ги предупредивме Собранието и неговиот претседател дека може да дојде до ова, бидејќи одредбите од Изборниот законик се недоречени и не ги опфаќаат Левица и ЗНАМ. Но, немаше нивна реакција на тоа. Оттаму, не ни остана ништо друго, освен да го спроведеме она што го пишува како важечка одредба – нагласува Трајчевски.

Тој наведува дека сега единствен излез е да се свика итна собраниска седница.

– Левица може да поднесе барање за итна седница за да се изгласаат промените со кои ќе бидат опфатени и тие. Веднаш потоа, ние ќе ги примениме – објаснува директорот на АВМУ.

Трајчевски потсетува дека актуелните решенија во ИЗ биле изгласани токму по барањата на Левица.

– Но, тие тогаш имаа двајца пратеници во Парламентот и им одговараше државното финансирање да се однесува на партиите што имаат помалку од пет пратеници. Дури и потоа блокираа со илјадници амандмани, измени во ИЗ со кои се сакаа промени за да нема вакви проблеми – укажува Трајчевски.

За трошоците на изборната кампања на партиите, државата предвидува да плати околу седум милиони евра. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ