Украина ќе ги добие бараните безбедносни гаранции од САД, само ако прифати мировен договор што, веројатно, би вклучувал отстапување на регионот Донбас на Русија.
Освен ова, како што пренесува „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со мировните преговори, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп навестила дека ќе ѝ вети на Украина повеќе оружје за да ја зајакне својата армија во мирно време ако се согласи да ги повлече своите сили од делови од источниот регион што го контролира.
Украинските и европските претставници го опишуваат ова како обид на САД да го принудат Киев на болни територијални отстапки што Москва ги бараше во секој договор.
Сд Зеленски, текстовите што се однесуваат на безбедносните гаранции, за кои разговарал со Трамп во Давос минатата недела, се „100 проценти подготвени“, но сè уште нема конечен одговор од САД за тоа.
– Тие ставаат сопирачки секогаш кога треба да се потпишат гаранциите, изјави висок украински функционер.
И додека администрацијата на американскиот претседател условува – прво договор, па гаранции, Украина сака потврда на безбедносните гаранции пред да се откаже од која било територија.
Русија ниту еднаш не се откажа од територијалните претензии како услов за прекин на војната, а сега САД бараат Украина да ѝ го предаде она што не може воено да го освои, па сметаат дека Киев мора да се откаже од Донбас и не вложуваат големи напори да извршат притисок врз рускиот лидер, Владимир Путин, да се откаже од едно од своите најбитни барања, велат за „Фајненшел тајмс“ луѓе запознаени со ова прашање. Речиси четири години, руските сили не успеаја целосно да го освојат Донбас, иако напредуваат со огромни жртви, кои оваа година се проценуваат на околу 30.000 војници месечно.
Според Белата куќа, ова што го пласира „Фајненшел тајмс“ е сосема лажно. Ана Кели, заменик-секретарка за печат на Белата куќа изјави дека единствената улога на САД во мировниот процес е да ги зближи двете страни за да постигнат договор, па „срамно е што ’Фајненшел тајм’ им дозволува на злонамерните актери анонимно да лажат за да го поткопаат мировниот процес, кој е во одлична позиција по историскиот трилатерален состанок минатиот викенд во Абу Даби“.
Канцеларијата на претседателот Зеленски не одговорила на барањето на „Фајненшел тајмс“ за коментар, но висок функционер во Киев рекол дека Американците „користат гаранции… за да ја поттикнат Украина“ кон отстапки за кои веруваат дека можат да ја доведат „Русија на масата“. Според него, клучната причина зошто договорот за просперитет за Украина останува непотпишан лежи во фактот што Зеленски и Трамп се согласиле во Давос дека документот треба дополнително да се доработи.












