Непријавени работници, неиздавање фискални сметки, Македонија сè уште се бори со сива економија

Сивата економија е еден вид социјален вентил и преку неа, на оние категории граѓани кои имаат социјални проблеми, им се дозволува да работат. Државата се обидува да ја сузбие бидејќи може да биде значаен извор на реален приход кој сега не влегува во буџетот и кој ќе може да покрие дел од трошоците за здравство, образование, безбедност... со што ќе се подобрат услугите за граѓаните. За да се намали сивата економија, потребно е поголема контрола од страна на инспекциските органи, во однос на тоа дали вработените се пријавени, како се вршат плаќањата, дали се издава фискална сметка, дали се регистрирани сите трансакции кои се прават... вели за весникот ВЕЧЕР, Јован Пејковски, универзитетски професор

88

Сивата економија во државата никако да се симне под границата од 30 отсто од домашниот бруто-производ. Иако не може точно да се измери, според пресметките од 30 до 33 отсто од БДП се создава во сива економија, што е сериозен показател дека треба да се работи на нејзино намалување. Непријавени работници, плаќање во кеш, неиздавање фискални сметки се само дел од облиците во кој се појавува. Државата треба да преземе мерки за да ја намали сивата економија, што е и еден од условите за влез на земјата во Европската Унија.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски во разговор за весникот ВЕЧЕР вели дека државата треба да направи систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо.

– Сивата економија е еден вид социјален вентил и преку неа, на оние категории граѓани што имаат социјални проблеми, им се дозволува да работат. Државата се обидува да ја сузбие бидејќи може да биде значаен извор на реален приход кој сега не влегува во буџетот и кој ќе може да покрие дел од трошоците за здравство, образование, безбедност… со што ќе се подобрат услугите за граѓаните. За да се намали сивата економија, потребно е поголема контрола од страна на инспекциските органи, во однос на тоа дали вработените се пријавени, како се вршат плаќањата, дали се издава фискална сметка, дали се регистрирани сите трансакции кои се прават… вели Пејковски.

Според него, во борбата против сивата економија е особено важна едукацијата, така што секој поединец треба да сфати дека треба да работи легално. Истото се однесува и на компаниите кои треба да ги пријават сите трансакции, како и начинот на кој е извршено плаќањето.

– Значи, сивата економија може да се намали преку поголема инспекциска, даночна, финансиска контрола и преку казни. Државата треба да направи систем во кој работењето во сива економија ќе биде неисплатливо и прескапо поради санкциите што следуваат. Така што тие што ќе работат во сива економија ќе треба да платат казни или ќе бидат затворени. Има држави кои ја намалиле сивата економија преку мерки на привлекување, односно ги фатиле тие што работат во сива економија, ги платиле заостанатите давачки и го легализирале бизнисот, објаснува Пејковски.

Тој вели дека во последно време во подем е розовата економија, односно сајбер економија, која може да биде извор на сива економија бидејќи не гледате пари и нарачките ги плаќате по телефон или онлајн.

Анализата на Стопанската комора на Македонија насловена како „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“ посочува дека сивата економија ја нарушува пазарната, односно лојалната конкуренција и ги става во нерамноправна позиција економските субјекти што се борат на пазарот.

Во анализата се укажува дека владеењето на правото е еден од столбовите на пазарната економија. Во тој контекст, сивата економија претставува непочитување на законите, и тоа како свесен избор на оние што се инволвирани. Толерирањето на сивата економија од страна на државата, свесно или несвесно, води кон намалување на довербата на економските субјекти во институциите на државата, вклучувајќи го и правниот систем.

– Парите од сивата економија се, главно, „погонско гориво“ за корупцијата. Сивата економија ги оштетува јавните финансии, буџетот на државата и социјалните фондови. Избегнувањето да се плаќаат давачките кон државата и да се пријавуваат вработените во надлежните државни служби значи помал прилив на средства во буџетот на државата. Во случајот на земјава тоа значи поголем буџетски дефицит, поголемо задолжување од страна на државата, поголем износ на трошоци по основ на тие задолжувања итн. Истовремено, тие што работат во зоната на сивата економија ги користат своите права и придобивки, добиваат сигурност што ја овозможуваат јавните добра и услуги, како полицијата, војската и патиштата, нивните деца добиваат бесплатно образование, нивните семејства добиваат услуги во државното здравство итн. Сето тоа се нешта што ги обезбедила државата со користење на парите собрани од оние што ги плаќаат давачките кон државата – стои во анализата на Стопанската комора.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ