Постојат сериозни индиции дека има организирано внесување и дислоцирање кучиња во Скопје, алармираат од Здружението за заштита на правата на животните „Анима мунди“. Во Општина Карпош, во изминатите денови, се појавила нова глутница кучиња, животни што биле целосно непознати за локалното население, не биле од постојната улична популација и се појавиле буквално прекуноќ. Од ова Здружение пронашле на терен кучиња со ушни маркички од Албанија, на улица во Скопје, што отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање животни. Бараат целосна проверка на сите безбедносни камери, јавни и приватни, на локациите каде што се појавиле кучињата, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје
Постојат сериозни индиции дека има организирано внесување и дислоцирање кучиња во Скопје, алармираат од Здружението за заштита на правата на животните „Анима мунди“. Оттаму бараат итна, темелна и независна истрага, бидејќи оваа појава директно ги загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и самото владеење на правото.
Од Здружението информираат дека во Општина Карпош, во изминатите денови, се појавила нова глутница кучиња, животни ш биле целосно непознати за локалното население, не биле од постојната улична популација и се појавиле буквално прекуноќ. Додаваат дека станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што јасно укажува, како што велат, на тоа дека ова не може да биде природен прираст, туку насилна дислокација.
– Јавно и одговорно тврдиме дека станува збор за организирано внесување кучиња, затоа што ЈП „Лајка“ нема оставено, ниту, пак, има испуштено ваков број нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје. Граѓаните со години ги познаваат кучињата во своите маала, овие животни не се нивни – тврдат од „Анима мунди“.
Дополнително, од ова Здружение пронашле на терен кучиња со ушни маркички од Република Албанија, на улица во Скопје, факт што, како што потенцираат, отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање животни.
При тоа, бараат целосна проверка на сите безбедносни камери, јавни и приватни, на локациите каде што се појавиле кучињата, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Воедно, бараат МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што, според нив, не станува збор за изолиран чин, туку се работи за логистички организирана активност.
– Масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост, но и сериозна општа опасност. Затоа „Анима мунди“ одамна бара измена на законската рамка. Поднесовме конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кои бараме најстрого регулирање на сопствеништвото на кучиња, како и предлог-измени на Кривичниот законик со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност ќе се третираат како кривични дела, по примерот на Република Хрватска – реагираат од Здружението.
Истовремено, тие упатуваат јавен и итен повик до ЗЕЛС да го отвори ова прашање и да се дискутира на ниво на сите градоначалници.
Од „Анима мунди“ сметаат дека секоја општина мора да ја третира проблематиката со уличните кучиња хумано и согласно со закон (со масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции) секаде каде што ќе се утврди доказ за масовно дислоцирање.
На крајот, укажуваат дека ниту ЈП „Лајка“ ниту кое било јавно претпријатие може да го реши овој проблем во услови на институционална инертност и толерирање на криминал.
– Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана. Бараме истрага, одговорност и итни мерки веднаш и насекаде за да се фатат сторителите и најстрого да одговараат, согласно со закон – заклучуваат од „Анима мунди“.
Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, вели дека нивни екипи биле на терен во Карпош 4 да заловуваат кучиња, по реакции од граѓани.
– Во изминатите два месеци, од истата локација, кај „Сити мол“, „Систина“, заловени се 19 кучиња. Евидентно е дека одредено лице или субјект организирано врши дислокација на бездомни кучиња во Скопје. Наместо да преземат хумани и законски мерки за нивни третман, ним им е полесно да ги истоварат во Скопје. „Лајка“ работи максимално, колку што му дозволуваат можностите и капацитетите. Некој треба да се погрижи да престане приливот на кучиња и да преземе мерки да се контролира изворот на нови кучиња – изјави Пешева.
Таа додава дека и МВР треба да се вклучи во ова, да ги прегледа камерите и да ги контролира товарните возила што влегуваат во Скопје.
И од Општина Карпош се јавија со известување дека будно ја следат состојбата со зголемениот број улични кучиња на нивна територија.
– Веднаш реагиравме до Град Скопје и до ЈП „Лајка“ со барање за заедничка соработка и за решавање на овој проблем. Екипите од ЈП „Лајка“ веќе се на терен на повеќе локации во Општината, при што се врши заловување и хуман третман на кучињата согласно со процедурите и стандардите за благосостојба на животните – констатираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека евидентно е оти е зголемен бројот на бездомни кучиња во последните неколку денови, па затоа во соработка со Градот ќе се работи интензивно на изнаоѓање решение за моменталната состојба, како и на трајно решавање на проблемот со уличните кучиња.
(А. П.)












