Ќерката на легендарниот НБА-кошаркар, Коби Брајант, Наталија (22), итно побарала помош од полицијата и од судовите во САД. Причина за тоа било што еден маж не престанувал да ја следи. Поради брзата реакција и постапката што ја повел адвокатот, судот донел одлука и издал налог за забрана за движење на целото семејство. Забраната ги вклучува и Бјанка, Капри и нивната мајка, Ванеса Брајант, и е продолжена за уште пет години.
- Наталија тврдеше дека маж по име Двејн Кемп ја прекршил првичната забрана за движење во август. Тој е во илузија дека е во врска со неа. Се појавил на еден настан и ѝ донел цвеќе, но бидејќи не била таму, ѝ го предал на нејзината мајка, Ванеса. Обезбедувањето го запрело, но тој тврдел дека го сторил тоа затоа што верувал дека првичната забрана за движење е истечена – пишува порталот ТМЗ.
Наталија првпат побарала заштита од него во 2022 година и тврдела дека почнал да ја следи кога имала 17 години. Тој, исто така, бил апсен повеќе пати за огнено оружје, а често објавувал и свои слики со оружје на социјалните мрежи.
Наталија Брајант е најстарата ќерка на Коби и Ванеса Брајант. Таа е родена на 19 јануари 2003 година, во Лос Анџелес и има две помлади сестри – Бјанка и Капри. Нејзината помлада сестра, Џијана, за жал, почина со нејзиниот татко, Коби, во хеликоптерската несреќа во јануари 2020 година.
Инаку, во 2021 година, Наталија почна да се занимава со манекенство.
- Ако каже некој дека не е тешко да се биде студент и модел во исто време, ве лаже. Имам распоред за факултет што морам да го следам и да балансирам со манекенството. Убаво е кога имаш поддршка од семејството и од пријателите во сето ова, тоа е најважното нешто. Да се биде ќерка на Коби е една од најголемите радости во мојот живот и се надевам дека ќе ги искористам сите лекции на кои ме научи тој – рече Наталија во интервју за списанието „Пипл“ минатата година.











