Сопственикот на погребален дом во Колорадо, кој криел 189 тела во распаѓање во зградата четири години, додека на ожалостените семејства им давал лажна пепел, беше осуден во петок на 40 години затвор. За време на изрекувањето на пресудата, членовите на семејството го нарекоа обвинетиот Џон Холфорд, „чудовиште“.
На рочиштето, членовите на семејството му рекоа на судијата Ерик Бентли дека имале кошмари со скапано месо и црви откако дознале што се случило со нивните најблиски. Тие побараа на Холфорд да му се изрече максимална казна од 50 години.
Судијата Бентли му рече на Холфорд дека предизвикал „неопишлива и несфатлива“ штета. „Јас лично верувам дека секој од нас, секое човечко суштество, е во суштина добро. Но, ние живееме во свет кој го става тоа верување на тест секој ден, а вашите злосторства, г-дине Холфорд, го тестираат тоа верување“, рече Бентли.
Извинување на осудениот
Холфорд се извини пред изрекувањето на пресудата, велејќи дека ќе се кае за своите постапки до крајот на животот. „Имав толку многу можности да спречам сè и да си одам, но не го направив тоа. Моите грешки ќе одекнуваат со генерации. Сè што направив беше погрешно“, изјави тој.
Неговиот адвокат неуспешно побара казна од 30 години, тврдејќи дека не станува збор за насилно злосторство и дека Холфорд немал претходно криминално досие. Неговата поранешна сопруга и ко-сопственичка на погребниот дом „Return to Nature“, Кери Холфорд, треба да биде осудена на 24 април и се соочува со затворска казна од 25 до 35 години. Во декември, како дел од спогодбата со обвинителството, двајцата се изјаснија за виновни по речиси 200 точки од обвинението за злоупотреба на човечки остатоци.
Злосторство од алчност
Според судските документи, додека ги криеле телата, Холфордови трошеле пари небрежно. Тие купиле теренец „GMC Yukon“ и луксузен „Infiniti“ со вкупна вредност од повеќе од 120.000 долари, инвестирале 31.000 долари во криптовалути и купувале скапа стока во продавници како „Gucci“ и „Tiffany“, а парите ги потрошиле за ласерско обликување на телото.
„Ова е очигледно злосторство од алчност“, рече обвинителката Шелби Кроу. Таа истакна дека Холфорд им наплатиле на своите клиенти повеќе од 1.200 долари, а со парите што ги потрошиле за луксуз, можеле да ги покријат трошоците за кремирање на сите тела многукратно.
Двојката, исто така, се изјасни за виновна по обвиненијата за федерална измама за нелегално добивање на речиси 900.000 долари помош за мали бизниси од владата за време на пандемијата. Џон Холфорд беше осуден на 20 години затвор во тој случај, а пресудата за Кери Холфорд сè уште се чека. Според спогодбата, државната затворска казна ќе тече истовремено со федералната.
Грозно откритие
Холфордови ги чувале телата во зграда во градот Пенроуз, јужно од Колорадо Спрингс, од 2019 до 2023 година, кога истражителите реагирале на пријави за непријатен мирис. Истражителите рекле дека тела биле пронајдени низ целата зграда, некои наредени едно врз друго, со роеви инсекти, додека подот бил покриен со течност во распаѓање. Остатоците – вклучувајќи возрасни, бебиња и фетуси – биле чувани на собна температура.
Идентификацијата на телото траела со месеци, а биле користени отпечатоци од прсти, ДНК и други методи. Истражителите веруваат дека Холфордови им дале на семејствата здробен сув бетон како пепел.












