Непалци ќе ни прават гравче-тавче, нашите готвачи отидоа за Хрватска

Сезоната е на прагот, а во државата недостигаат работници во повеќе сектори, а особено во угостителството и туризмот. Во услови кога сите соседни земји бараат сезонци и нудат повисоки плати, работодавачите велат дека тешко дека ќе можат да ги задржат нашите работници. Поради тоа, спасот го бараат во увоз на работна сила. -Недостигот од работна сила ќе го решаваме со увоз на работници. Ако нашите готвачи одат во Хрватска тогаш ние треба да донесеме готвачи од Непал. Кога имате лон-производство може да ја пренесете фабриката во Бангладеш, односно таму да отворите погон бидејќи бруто-платата е 200 долари. Меѓутоа, ако работите угостителство или хотелиерство тоа е малку потешко. Хотелот не може да го пренесете и затоа ќе мора да донесете работници од таму, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организација на работодавачи на Македонија

733

Недостиг на работна сила и одлив на кадар е проблем со кој подолго време се соочува нашата држава. Проблемот е особено изразен за време на летната сезона кога голем дел од нашите работници заминуваат на сезонска работа во регионот. Освен на Хрватска, Албанија и на Грција ѝ недостигаат 80 илјади работници во угостителството и туризмот. Македонските работодавачи велат дека недостигот ќе го пополнуваат со работници од Непал, Бангладеш, Пакистан….Велат ако нашите кувари одат во Хрватска тогаш ние треба да донесеме готвачи од Непал.

-Недостигот од работна сила ќе го решаваме со увоз на работници. Ако нашите готвачи одат во Хрватска тогаш ние треба да донесеме готвачи од Непал. Кога имате лон-производство може да ја пренесете фабриката во Бангладеш, односно таму да отворите погон бидејќи бруто платата е 200 долари. Меѓутоа ако работите угостителство или хотелиерство тоа е малку потешко. Хотелот не може да го пренесете и затоа ќе мора да донесете работници од таму, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организација на работодавачи на Македонија.

Според него, идејата дека платите на келнерите и готвачите треба да ги качиме како во Хрватска за да го задржиме кадарот, не држи вода. Кај нас хотелското сместување и цените на угостителските услуги се многу пониски отколку во Хрватска и ние немаме услови за таков туризам.

-На почетокот имавме проблеми со странските работници кои доаѓаа во Македонија и за кратко време заминуваа во европските држави. Проблемот беше што на почетокот овие работници влегоа во слаби компании кои имаа лоши услови за работа и мали плати. Потоа почнаа да потпишуваат договори за работа и да се обврзуваат на подолг престој. Но, има и такви кои работат на црно и кои потпишале договор со една компанија и отишле да работат во друга компанија, појаснува Димитров.

Туристичките работници велат дека во недостиг на домашна работна сила, во Охрид и годинава работници од Бангладеш, Непал, Индија… ќе ги служат гостите.

– Миграцијата на работна сила е малку помала во однос на лани, а имаме и подобро искуство со вработените од странство. Лани, странски работници што дојдоа да работат, си отидоа. Сега агенциите за вработување прават договори за вработување во кои се наведени сите услови како плата, сместување, време на работа… Странските работници земаат исти плати како домашните, односно од минимална плата, па нагоре, плус сместување и еден оброк, а ако работат повеќе од осум часа, добиваат два оброка, изјави за весникот ВЕЧЕР, Крсте Блажевски, претседателот на ХОТАМ.

Сезонската работа во Хрватска останува примамлива опција за многу македонски работници кои најчесто работат во угостителството и туризмот, а платите се движат од 1.300 евра па нагоре. Грција, пак во обид да го реши проблемот со недостиг на 80 илјади работници  го легализира статусот на околу 30.000 нерегистрирани мигранти и потпиша низа билатерални договори „за мобилност на работната сила“ со трети земји, вклучувајќи ги Египет, Виетнам, Бангладеш, Грузија, Индија и Молдавија.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ