Непал доби привремена влада и нова премиерка, поранешната претседателка на Врховниот суд

39
Фото:википедија

Поранешната врховна судијка на Непал, Сушила Карки (73), денес стана премиерка во привремената влада задолжена да обезбеди преоден период до изборите закажани за март 2026 година по смртоносните немири оваа недела, објави „АФП“.

Првата жена што ја извршуваше оваа функција во Непал, поранешна врховна судијка во земјата, вечерва положи заклетва пред претседателот Рамчандра Паудел.

Штом Сушила Карки ја презеде функцијата, шефот на државата, по нејзина препорака, нареди распуштање на парламентот и го одреди датумот за парламентарните избори за 5 март 2026 година, пренесува „Бета“.

Распуштањето на парламентот беше во преден план на барањата на младите демонстранти кои ги предводеа протестите.

Повеќе од 50 лица се убиени во немирите во Непал, вклучувајќи 21 демонстрант и тројца полицајци.

Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на главниот град претходно оваа недела во знак на протест против одлуката на владата да ги блокира повеќето платформи на социјалните медиуми, вклучувајќи ги „Фејсбук“, „Икс“ и „Јутјуб“, врз основа на тоа што компаниите не се регистрирани во Непал и се предмет на државен надзор.

Армијата ја врати контролата врз главниот град. Вооружени војници, придружени од оклопни возила и тенкови, денес продолжија да патролираат по пустите улици на Катманду.

ИЗДВОЕНИ