Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес ги отфрли обвинувањата против Русија за наводна вмешаност во инциденти со беспилотни летала, нарекувајќи ги „неосновани“.
„Секој пат кога изнесуваат неосновани обвинувања, искрено, тоа води до тоа таквите изјави повеќе да не се земаат предвид. Бидејќи секој пат слушаме неосновани обвинувања. Можеби страната што зазема сериозна, одговорна позиција не треба да изнесува такви неосновани обвинувања одново и одново“, им рече Песков на новинарите, одговарајќи на прашање за наводната вмешаност на Русија во инцидентот со беспилотното летало на аеродромот во Копенхаген, објави РИА Новости.
Flightradar24 објави на својата страница на социјалните мрежи X во понеделник вечерта дека сите полетувања и слетувања на аеродромот во Копенхаген се суспендирани од 20:26 часот по локално време поради пријави за беспилотни летала.
Данската премиерка Мете Фредериксен денес изјави дека инцидентот со беспилотното летало на аеродромот во Копенхаген е најсериозниот напад врз данската критична инфраструктура досега.
Таа додаде дека не е исклучена никаква можност и дека инцидентот се вклопува во низа слични настани во Европа, вклучувајќи напади со беспилотни летала, кршење на воздушниот простор и сајбер напади врз европските аеродроми.
Данската полиција претходно соопшти дека зад беспилотните летала што синоќа летаа над аеродромот во Копенхаген стои „способен актер“, привремено запирајќи ги дојдовните и појдовните летови, и дека руската одговорност „не може да се исклучи“.