Акцијата и напорите за чисто Скопје ќе бидат со краток век ако не му се застане на крај на несовесното однесување на дел од граѓаните. Но, плановите за дисциплинирање на несовесните граѓани, преку воведување зајакнати комунални редарски служби, се чини, и натаму ќе се пролонгираат доколку не се смени нешто. Ова ќе се должи на неусвојувањето на предложените измени во Законот за локална самоуправа, кој остана неусвоен пред неодамна завршените локални избори, а сега како да се појавуваат шанси да се направи повторен обид да се донесе. Главната причина за неизгласувањето на измените беше неможноста да се обезбеди Бадентеровото мнозинство, поради ставот на опозициските пратеници од редовите на коалицијата НАИ, предводена од ДУИ. Односно неможноста да се добие поддршка од околу 20 пратеници од немнозинските заедници, а што е мнозинство од вкупно 39 пратеници, колку што ги има во македонскиот Парламент.
Претседателот на македонскиот Парламент, Африм Гаши, на минатонеделниот брифинг со новинарите, најави подготвеност да бидат донесени законските измени.
– Тоа зависи од волјата на пратеничките групи. Измените се во собраниска процедура и ако има волја кај пратеничките групи, може пак да ги доставиме до пратениците и да ги донесеме – рече Гаши.
До Бадентер преку прегрупирање на пратениците
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, денеска ни изјави дека тие наскоро пак ќе се обидат да се донесат измените во законските решенија.
– Планираме да го поставиме прашањето на донесувањето на тие промени, кои се важни како за Скопје така и за секоја друга општина. Најверојатно, ќе го направиме тоа на редовните координации кај собранискиот претседател, Гаши. Ние го започнавме процесот на донесувањето на овие измени врзани за воведувањето референдуми за отповикување на градоначалници, за комунални редари, но политичкиот став на ДУИ го спречи изгласувањето. За да се донесе ова, потребна е подолгогледност од опозицијата. Ваквите решенија за воведување урбана полиција и слично, отпорано постојат во европските земји – изјави Мицевски за весникот ВЕЧЕР.
Но, наспроти ова, Арбр Адеми, партискиот портпарол на ДУИ, денеска не одговараше на телефонските повици и на пораките за да ни одговори дали, како коалиција, и натаму ќе имаат негативен став кон донесувањето на измените, а што сега, како повторно активирање, го најавуваат од владејачката партија. Адеми неодамна изјави за ВЕЧЕР дека причината за ваквиот нивни став е незадоволството од одлуката на Владата од септември минатата година, со која е намален бројот на советници во повеќе општински совети во земјава. Намалувањето на бројот на советниците во десет општини е резултат на примената на бројките за резидентно население од пописот извршен во 2021 година. Интегративците се на ставот дека бројот на советниците мора да се определува со вклучување и на нашето население што е преброено и во странство. Меѓутоа, ваквото барање на ДУИ го одби како Владата така и Уставниот суд, по што сега е неизвесно каков став ќе има НАИ кон новиот обид за изгласување на промените.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека откако завршиле локалните избори, очекува да се надмине овој проблем.
– Нам ни се важни реформите. Се надевам дека дел од силите и во Парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следува – рече Мицкоски во обраќањето по вториот круг од локалните избори, на прашање како ќе добие Бадентерово мнозинство.
Според координаторот Никола Мицевски, доколку се најде начин да бидат изгласани измените, ќе се бара и решение законот да важи што побрзо.
– Во измените што беа предложени пред локалните избори е предвидено тие да важат од претстојните избори. Целта ни беше да важат отсега, по овие завршени избори. Ќе биде можно тоа, но ќе мора да се поднесе амандман со кој ќе предвидиме од кога ќе важат. Можно ќе биде да важат и со денот на донесувањето – ни рече тој.
Потребата да се донесат измените деновиве ја спомена и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, по завршувањето на големата акција за чистење на градот.
– Нека не ми замерат моите сограѓани, не може поради еден- два или три проценти несовесни граѓани, целиот колектив постојано да биде казнуван. Затоа ќе има постапување како што ветив пред моите сограѓани – тоа е воспоставување ред, кој де факто недостигаше во главниот град. Оние што се совесни ќе бидат наградувани, а за оние што ќе постапуваат несовесно ќе биде спроведена казнена политика и нема да има толеранција за никого – изјави Ѓорѓиевски.
Зајакнати овластувања
Според предлогот, воведувањето на комуналните редари ќе стане задолжителна работа за секоја општина.
– Комуналните редари и сега се предвидени во Законот за комунални дејности, но кога ќе ги предвидиме и во Законот за локална самоуправа, тоа ќе биде облигаторна работа, која ќе мора да ја извршуваат градоначалниците. Ваквата дејност ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа и ќе се доуреди со Законот за комунални дејности, бидејќи таму е опишана целата материја. Инаку, треба да превенираат девијантни појави на мала група граѓани, кои секојдневно несоодветно го фрлаат отпадот или несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која локалните самоуправи уште како издвојуваат средства од своите буџети – изјави неодамна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на консултативната средба што беше одржана со градоначалниците од Пелагонискиот Регион и со други граѓани во Битола.
Поплаките од општините досега беа дека нивните постоечки комунални редари или немаат ингеренции за да дејствуваат во дел од ваквите девијантни однесувања или пријавите тешко се процесуираат низ правниот систем.
Измените што чекаат на усвојување предвидуваат да биде распишан референдум за смена на градоначалникот откако 20 проценти од запишаните избирачи би го побарале тоа. Но, референдумот не би можел да биде распишан во првата и во последната година од мандатот. Се предвидува уште и можноста во општините со седиште во град, градоначалникот да може да именува главен архитект на градот чиј делокруг на работа ќе биде утврден со посебна одлука. Ваквите новини се од особена важност за новите градоначалници, кои масовно ветуваа дека ќе ја подобрат хигиената во општините врз основа на воведувањето комунална редарска служба.
(Б. Ѓ.)
Скопските редари казнувале по 1,7 граѓани дневно за нехигиена
Во шестмесечните извештаи за работа на Секторот за инспекторат на Град Скопје може да се види дека во периодот од 12 месеци, постојните комунални редари наплатиле 4.520 евра поради загадување на градот. За зачувувањето на јавната хигиена во Скопје, инаку, се грижеле 11-мина редари. Така, во периодот јули – декември 2024 година биле наплатени 100 глоби во денарска противвредност од 40 евра, а во периодот јануари – јуни 2025 година имало 296 наплатени казни по 20 евра. Инаку, во овој 12-месечен период, редарите поднеле 522 записници за сторени прекршоци од страна на граѓаните, односно, 1,7 пријава секој работен ден!












