„ЕВН Македонија“ му отстапи на Археолошкиот музеј на Македонија сопствена парцела од 6.000 квадратни метри, до самиот локалитет, за долгорочно користење. Од 2008 год. до денес се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нив, преку копии, е прикажан разен движен и недвижен инвентар со цел да се направи обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек што живеел на територијата на Македонија и пошироко.

Музејот на отворено „Неолитско село – Тумба Маџари“ во Општина Гази Баба, од вчера има на располагање дополнителен простор за научна работа, истражување и за едукација. Компанијата „ЕВН Македонија“ му отстапи на Археолошкиот музеј на Македонија сопствена парцела од 6.000 квадратни метри, до самиот локалитет, за долгорочно користење. Договорот го потпишаа директорката на Музејот, Магдалена Манаскова, и претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Волфганг Маиер. На настанот присуствуваа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.

– Овој договор за отстапување на парцелата е симбол на посветеноста за презентација на културното наследство и за заштита за идните генерации. Ова наследство не е важно само за историјата на Македонија туку е дел и од европската цивилизација – посочи Маиер.

Директорката Манаскова, пак, кажа дека договорот е „основа за долгорочна соработка, која ќе овозможи подобри услови за работа, како и нови проекти на локалитетот. Таа истакна: „Тумба Маџари е жива трага на стара култура од 8.000 години, чии остатоци се длабоко вградени во современото културно ткиво и која нè учи дека идентитетот не е фиксиран симбол, туку континуитет на значења што се обновуваат низ времето“.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, потсети дека пред една година, по стапувањето на функцијата, се соочил со предизвици во решавањето на имотноправните односи на парцелата.

– Ограничувањето на сопственоста значително влијаеше на просторот за работа на локалитетот и нè спречуваше во нашите напори за зачувување и за истражување на ова важно културно наследство. Денес, гордо можам да кажам дека остваруваме значителен напредок, добивме поголем простор, кој ќе овозможи да го развиваме локалитетот на начин на кој заслужува – истакна Љутков.

Тој, исто така, кажа дека локацијата што се отстапува денес за долгорочно користење ќе стане дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој. Таа, посочи, ќе биде алатка во рацете на стручњаците, но и отворена врата кон новите генерации, кои ќе имаат можност да ја запознаат, допрат и разберат својата историја, не како апстрактна категорија, туку како нешто свое, длабоко и живо.

Според австрискиот амбасадор, Мартин Памер, настанот е значаен и симболичен за билатералната соработка меѓу Австрија и Македонија.

– Првпат сум тука, но знам какво импресивно културното наследство има С Македонија, од античките времиња, палеолитот и неолитот, исто така и од римскиот период, како што се Стоби и Скупи, кои се дел од она што им го претставувам на моите гости. Во иднина, исто така, ќе доаѓаме и во Тумба Маџари – додаде Памер.

Инаку, предисториската населба Тумба Маџари во Скопје е археолошки локалитет што со своите уметнички и естетски вредности на материјалната и на духовната култура е веќе потврден во научните кругови. Археолошките истражувања во изминативе триесетина години покажаа дека се работи за населба од неолитот, која ги доживеала своите економска благосостојба и културен просперитет во средниот неолит, 5.800-5.300 год. пр. н.е. Во археолошките ископувања од 1981 год. до денес, дефинирани се неколку станбени објекти со разновиден и богат движен и недвижен инвентар. Имено, најголемиот дел од изложениот и депонираниот неолитски материјал во НУ Археолошки музеј на Македонија потекнува од Тумба Маџари.

Од 2008 год. до денес се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нив, преку копии, е прикажан разен движен и недвижен инвентар со цел да се направи обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек што живеел на територијата на Македонија и пошироко.

 

ИЗДВОЕНИ