Необична мерка: Она што нема да го изедете што сте го земале од “шведска маса“ – ќе си го платите!

174

Сè повеќе ресторани во германскиот град Дортмунд се одлучуваат за необична мерка во борбата против фрлањето храна, за која веруваат дека ќе донесе резултати. Политиката е дека ако не го изедете она што сте го зеле од шведската маса, ќе платите казна. Навидум строгата пракса покажува конкретни резултати, а угостителите истакнуваат дека гостите честопати го преценуваат сопствениот апетит и земаат повеќе отколку што можат да изедат.

– Дисциплинското евро на шведската маса се покажа како ефикасна мерка – изјави Торстен Гебехарт од Синдикатот за прехранбена, угостителска и услужна индустрија (NGG) Дортмунд во соопштение за медиумите. Тој истакнува дека благодарение на казната, рестораните успеваат значително да ја намалат количината на храна што се фрла, а сè повеќе угостители ја прифаќаат оваа практика.

Сепак, NGG нагласува дека собраните пари не треба да останат исклучиво во касата на сопствениците на ресторани. Дел од средствата, сметаат тие, треба да се насочат кон наградување на готвачи и келнери, но и кон хуманитарни цели. Како пример, тие наведуваат донации за организација како што е „Леб за светот“. Проблемот е реален, ако еден ресторан троши неколку стотици евра неделно за храна што се фрла, тоа штети и на животната средина и на бизнисот. Според претставниците на синдикатот, тие пари би можеле да се инвестираат многу помудро, на пример во повеќе вработени или повисоки плати.

Според Ruhr Nachrichten, ресторанот „Lahuhu“ во округот Унионфиртел во Дортмунд веќе ја спроведува оваа практика. Имено, тие наплаќаат 3 евра за 100 грама храна оставена на чинијата. Гостите се информирани за оваа политика однапред преку известувања поставени во ресторанот. Целта е активно да се намали отпадот од храна.

Според податоците од германското Сојузно министерство за земјоделство и храна, годишно во Германија се фрлаат 10,8 милиони тони храна. Угостителскиот сектор, вклучувајќи ги и рестораните, е одговорен за околу 18%, или 2 милиони тони.

Директорот на NGG ги смета казните за корисен стимул за размислување. Храната како месо, риба, овошје и зеленчук е вредна и е резултат на напорите на многу луѓе. Време е, заклучува тој, да почнеме да го цениме она што го јадеме дури и за време на посети на ресторани.

ИЗДВОЕНИ