Ненадејни поплави ја погодија сојузната американска држава Тексас, има настрадани/видео

62

Неколку луѓе ги загубија животите, а неколку сè уште се водат како исчезнати откако ненадејните поплави погодија делови од централен Тексас денес.

Вонредна состојба е прогласена за областите Хил Кантри и Кончо Вали поради сериозноста на ситуацијата, пренесува „Си-ен-ен“. Спасувачките операции и евакуациите се во тек од раните утрински часови, а властите предупредуваат дека може да се случат понатамошни поплави, дури и ако дождот не е обилен. „Дури и со слаб дожд, можни се понатамошни поплави“, рече вршителот на должноста гувернер Ден Патрик.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, рече дека државата ги обезбедува „сите потребни ресурси за Кервил, Инграм, Хант и целата област Тексас Хил Кантри за справување со оваа катастрофална поплава“.

Погодената област од поплавата се наоѓа северозападно од градот Сан Антонио. Снимките од терен покажуваат ненадејни поплави кои ги преплавиле мостовите и патиштата, а брзо движечката вода носи сè пред себе.

Точниот број на загинати и исчезнати сè уште не е официјално потврден. „Ве молиме, не ризикувајте. Бидете внимателни, слушајте ги локалните предупредувања за вонредни ситуации и не возете по поплавени патишта“, рече комесарот на Министерството за земјоделство на Тексас, Сид Милер.

Канцеларијата на шерифот на округот Кер го опиша настанот како „катастрофална поплава“ и потврди дека имало жртви. На жителите што живеат во близина на потоци, реки и реката Гвадалупе им беше советувано веднаш да се преселат во повисоки места.

ИЗДВОЕНИ