Третопласираниот тим од минатата сезона во македонската ракометна Суперлига, РК Алкалоид, стратешки го дополни играчкиот ростер со нови брзи ракометари кои ќе ја забрзаат транзицијата и играта, а во таквиот концепт посебна улога ќе добие нашиот нов играч, десното крило Ненад Костески.

Ненад Костески има 24 години во кои е акумулирано искуство и од играње во странство, во екипата на РК Загреб и на меѓународната сцена на највисоко ниво, во Лигата на шампионите. Тој е стандарден репрезентативец, добро познат и на јавноста и на соиграчите и ќе донесе нови моменти во играта на РК Алкалоид. Ненад Костески зборуваше за своите очекувања и планови сезонава…

„Иако сум многу кратко овде, одлично се чувствувам во новата средина. Промените се добредојдени во спортот. Јас по пет години минати во Битола се решив за промена на средината па сега со нетрпение го очекувам новиот предизвик. Првите импресии се одлични и се верувам дека сѐ ќе биде како што треба. Алкалоид е клуб што има големи амбиции и високи цели. Спремно ќе ги дочекаме и ќе одговараме на сите предизвици. Очекувам дека ќе ја вратам и ќе ја искачам на највисоко ниво мојата форма. Верувам дека ќе имам шанса и минутажа во кои ќе можам да се докажам и да се вратам на тоа што сум, вистинскиот – јас.
Професионалец сум, секогаш сум сакал и сум се стремел кон тоа да победувам и се фокусирам целосно на тоа. Ќе го дадам максимумот за да придонесам најмногу што можам за клубот да направи успеси“, изјави Костески.

 

ИЗДВОЕНИ