Нема здравје без ментално здравје

34
pexels-pixabay

На денешниот Светски ден на менталното здравје, кој се прославува секоја година на 10 октомври, Светската здравствена организација (СЗО) и Обединетите нации (ОН) предупредуваат за големата потреба од помош за менталното здравје и психосоцијалните потреби на луѓето зафатени од хуманитарни кризи и катастрофи.

Овогодишната тема е: „Пристап до услуги – ментално здравје при катастрофи и вонредни состојби“.

Основната цел на Денот, основан од СЗО во 1992 година, е да се подигне свеста за прашањата поврзани со менталното здравје ширум светот и да се зајакнат напорите за негова поддршка.

СЗО потенцира дека „нема здравје без ментално здравје“, нагласувајќи дека менталната благосостојба е суштински дел од нашата целокупна благосостојба, пренесува МИА.

Секоја година, милиони луѓе се засегнати од итни ситуации, како што се воени конфликти и природни непогоди. Овие неволји значително влијаат на менталното здравје, што кај многумина се изразува преку психолошки стрес и зголемена појава на депресија и посттрауматско стресно нарушување на подолг рок.

Податоците покажуваат дека „едно од пет лица (22 проценти) кои доживеале воени конфликти во претходните 10 години имаат депресија, анксиозност, посттрауматско стресно нарушување, биполарно нарушување или шизофренија“.

Поединците со посериозни ментални нарушувања, како и повозрасните лица и жените, се посебно подложни во итни ситуации, при што појавата на криза значително го отежнува давањето на услуги за ментално здравје и ја намалува достапноста до квалитетна здравствена грижа.

СЗО, исто така, нагласува дека професионалците кои даваат помош во екстремни околности, исто така, се под огромен притисок и имаат потреба од стручна помош и поддршка за сопственото ментално здравје.

Меѓународните насоки препорачуваат различни активности за обезбедување достапност на услугите за ментално здравје и психосоцијална поддршка, кои се движат од самопомош во заедницата до психолошка прва помош и клиничко лекување.

„Поддршката на менталната благосостојба на поединците за време на кризи не е само важна – таа спасува животи и им дава сила на луѓето да се справат со предизвиците“.

ИЗДВОЕНИ