Нема вонредно зголемување на минималната плата, а усогласувањето ќе биде во март, истакна министерот за економија, Бесар Дурмиши кој потсети дека минималната плата годинава се зголеми за околу 2.000 денари
Дурмиши смета дека доколку се подлегне на притисокот од синдикатите, таквата одлука ќе изврши притисок на малите и на средните претпријатија, кои ќе немаат финансиски средства да ги платат вработените, но ќе влијае и на инфлацијата.
Тој рече дека не е загрижен за инфлацијата која во октомври достигна 4,5 отсто на годишно ниво и очекува да се намали до крајот на годината. Не гледа ниту причина да има мерки, односно да се интервенира врз малопродажните цените.
– За сега не гледам причина за донесување одлука за замрзнување или ограничување на бруто-профитната маржа во трговија на големо или во трговијата на мало, како што го направивме минатата година. Ги анализираме цените и пазарот секојдневно. Ако има потреба ќе донесеме одлука – рече Дурмиши.
Тој најави дека до крајот на месецот ќе го свика Економско социјалниот совет на кој ќе се прецизираат и владините просечни потрошувачки кошнички.
Наместо мерки или зголемување на минималната плата, Дурмиши најави повисоки плати и повеќе работни места преку новите мерки за инвестиции.












