Нема веќе вработувања и специјализации по желба – лекарите ќе одат каде што има потреба од нив

1
Министерот ги преброја здравствените работници, најавува прераспределби во внатрешноста

 

Проблемот од недостигот на доктори и на медицински сестри здравствените власти планираат да го решаваат со префрлање од една болница во друга, ако е потребно, од еден град во друг. Министерот за здравство, Азир Алиу, ја презентираше новата база на здравствени работници по области, која ќе била клучна при вработувањето на медицински кадар, и рече дека повеќе нема да има влијание и конкурси по желба.

Од регистарот на апликацијата „Мој термин“ може да се види во колку здравствени установи колку лекари има, особено специјалисти во одредена област. Па така, ако бара слободно место кај кардиолог, пациент од Кавадарци треба да чека три месеци за преглед кај единствениот во болницата. Слична е сликата и во двете болници во главниот град, во „8 Септември“ и на Клиниката за кардиологија, само кај еден од понудените кардиолози има слободен термин за 12 дена, а кај речиси сите слободен преглед се нуди по новогодишните празници. Министерот верува дека овој регистар, кој е прв таков, ќе ја надомести потребата од лекарска услуга, особено во внатрешноста, каде што во некои градски болници воопшто нема одредени специјалисти. Алиу се надева дека лекарите ќе прифатат да се префрлат со работа во друга здравствена установа преку стимулација, а ако треба, ќе се менуваат и законите.

– Со овој регистар сега знаеме колку медицински сестри имаме, колку онколози, анестезиолози, кардиолози… и каде недостигаат. Од таму каде што има повеќе, ќе се префрлаат таму каде што ги нема. Има случаи на професионалци од внатрешноста што дошле во Скопје, специјализирале и тука останале, а земаат плата од матичната болница. Ќе најдеме начин како да го решиме тоа, потребна е дисперзија – изјави Алиу.

Од регистарот на „Мој термин“ може да се забележи дека некои доктори имаат многу пациенти и дека кај нив се чека за преглед со месеци, а други, пак, прегледуваат многу помалку.

– Не е во ред некој доктор да има 10-мина пациенти на ден, а друг 10-мина месечно. Некаде има петмина лекари од некоја област, а нема потреба од нив, туку се потребни тројца, двајца од нив ќе одат во друга институција каде што има потреба од нив. Ќе бараме преку стимул од Скопје да одат и во другите градови – рече Алиу.

Здравствените власти се свесни дека сме далеку од европските стандарди. Медицински сестри од 356 на 100.000 жители пред 10 години, се зголемиле на 440 на 100.000 жители во 2020 година, што е едвај половина од ЕУ- стандардите.

Вкупно здравствени установи во државата се 3.779. Од нив, 2.942 (2.830 се приватни, а 112 се јавни установи, 108 се јавни здравствени установи, а 4 се институции што даваат јавни здравствени услуги, како што се Воениот медицински центар, МАНУ и Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет) се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежата се 837 установи.

Бројот на вработени во јавниот и во приватниот здравствен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во јавните здравствени установи, додека 13.847 се во приватните здравствени установи. Од оние во јавното здравство, 9.040 се лекари и членови на тимови во приватното здравство, а другите 4.807 се вработени во приватните здравствени установи. 4.746 се работници на секундарно и на терцијарно ниво. Медицински сестри се 7.003 во јавните здравствени установи.

Министерот Алиу истакна дека не верува во политики без податоци и затоа го почнале овој процес, го воделе како проект на вкрстување на податоците од јавните здравствени установи и од приватните здравствени установи и ги поврзале сите нивоа на здравствена заштита, односно примарното, секундарното и терцијарното ниво, ја анализирале дистрибуцијата во сите општини и региони, ги класифициравме податоците по специјалност, по профил и по тип на установа. Според него, ова е почеток на воспоставувањето регистар на работници во областа на здравството, каде што ќе може да ги гледаат податоците во реално време и да креираат здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ