Народната банка донесе нови правила и механизми за контрола на финансиските институции со кои ги подобрува заштитата на правата и интересите на потрошувачите.
Со овие правила, како што соопштија од Народната банка, се придонесува за потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и за поголема финансиска инклузија.
Новите правила се содржани во четири одлуки на Советот на Народната банка, донесени на последната седница.
Првата се однесува на обврската на финансиските институции да обезбедат јасни, релевантни и навремени информации за производите и за услугите. Со неа се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити.
– Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги – велат од Народната банка.
Втората одлука обезбедува фер и транспарентен пристап при склучувањето и примената на договорите со потрошувачите. Со неа се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики.
– Се дефинираат основните можни ризици што треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучувањето договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост – велат од НБ.
Со посебна одлука се воспоставува систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите. Со неа се уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаките во банките, како и обврската за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и во штедилниците.
Народната банка го утврди и начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите, со кој се пропишуваат основните видови контроли во доменот на заштитата на потрошувачите.
Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување” по примерот на напредните европски практики.