Патувањата од аеродромите во Германија станаа значително поскапи во услови на континуирано слаба понуда на летови и високи даноци и такси, а нискобуџетните превозници, исто така, го следат овој тренд, покажа истражувањето на германскиот центар за воздухопловство и вселенски патувања ДЛР.
Авионските билети во еден правец без багаж чинат во просек меѓу 67 и 130 евра, пресмета ДЛР во анализата во која беа вклучени четирите водечки нискобуџетни превозници во Германија.
Пред една година, ваквите билети чинеа меѓу 66 и 110 евра.
Цените на нискобуџетните авионски билети, исто така, растат и „Рајанер“ повеќе не е најевтин, со просечна цена на билет од 80 евра, во споредба со минатогодишните 66 евра.
Најскап е билетот во „Еуровингс“, подружница на „Лутфханза“, каде што просечната цена на билет во еден правец чини од 130 евра, што е за 20 евра повеќе од минатата година.
ДЛР, исто така, анализираше бројни европски авиолинии од 11 март и цени за четири периоди на резервација, од еден ден до три месеци пред летот.
Најскапи во тој период биле билетите за патување во последен момент, со цени што се движеле од 119 („Визер“) до 169 евра („Еуровингс“). Билетите резервирани три месеци пред летот биле малку поевтини и, во просек, чинеле пмеѓу 46 евра („Рајанер“) и 90 евра („Еуровингс“).
Најскапиот билет во еден правец, за лет на „Еуровингс“ од Диселдорф до Стокхолм, резервиран една недела претходно, имал цена од 499,99 евра.
Истовремено, Германија заостанува зад остатокот од Европа во закрепнувањето од пандемиската криза, бидејќи сообраќајот сè уште не го достигнал нивото од претпандемската 2019 година. Капацитетите изразени преку бројот на седишта сè уште заостануваат за девет проценти во споредба со 2019 година, додека во другите европски земји тие веќе го надминале нивото пред пандемијата за 10 проценти, откри германската воздухопловна асоцијација БДЛ.