Од Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ – подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје, денеска истакнаа дека ќе ја почитуваат одлуката на Основниот граѓански суд Скопје, кој на 16 овој месец донесе решение со кое го усвои предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување привремена мерка – забрана на најавениот штрајк.
– Мора да го почитуваме решението на Судот, ќе го ставиме штрајкот во мирување, но нема да се откажеме и ќе продолжиме со остварување на нашите барања што се дел од Спогодбата за која инсистираме дека директорите треба да ја почитуваат – рече на прес-конференција претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски

В понеделник авиосообраќајот ќе се одвива нормално, затоа што нема да се одржи најавениот штрајк. Од Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ – подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје, денеска истакнаа дека ќе ја почитуваат одлуката на Основниот граѓански суд Скопје, кој на 16 овој месец донесе решение со кое го усвои предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување привремена мерка – забрана на најавениот штрајк, затоа што, како што се наведува во образложението „е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос“.
И покрај тоа што ќе ја почитуваат одлуката на судот, од ССКЛ и натаму ќе продолжат со активности за остварување на барањата, вклучително и дека ќе ја обжалат одлуката и ќе побараат предметот повторно да биде вратен на рочиште за да ја изложат својата одбрана. Ќе се обратат и до Републичкиот судски совет и ќе поднесат претставка против судијката која го водела предметот.
Инаку, според најавата за штрајк на контролорите, не требаше да има полетувања и слетувања на скопскиот и на охридскиот аеродром од 10:00 до 15:00 часот в понеделник, на 20 октомври. Се предвидуваше да работи само со еден сектор, со максимален број од 30 авиони што ќе ја прелетуваат Македонија, односно со намален капацитет за околу 50 отсто од постојната побарувачка и тоа да се повторува секој следен понеделник, во исто време.
– Мора да го почитуваме решението на Судот, ќе го ставиме штрајкот во мирување, но нема да се откажеме и ќе продолжиме со остварување на нашите барања што се дел од Спогодбата за која инсистираме дека директорите треба да ја почитуваат – рече на прес-конференција претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски.
Првично беше најавено дека рочиштето ќе се одржи вчера во 08:30 часот, но во известувањето до медиумите беше посочено дека тоа нема да се одржи. Тасевски истакна дека не добиле никакво известување, ниту, пак, покана за тужбеното барање дека има постапка против Синдикатот за запирање на штрајкот.
– Со документацијата се запознавме преку адвокатот на М-НАВ и бевме спремни да се појавиме на рочиштето, но испадна дека е откажано и воопшто не ни беше дадена можност да ја изложиме нашата одбрана и сето она што е наведено како невистинито во нивното тужбено барање за да можеме да го оспориме на суд – рече Тасевски.
Тој појасни дека М-НАВ во тужбата не побарале времена мерка за штрајк, туку за отпочнување постапка и преку рочишта да се изложуваат доказите на двете страни.
– Да се види преку доказите дали имаме право на штрајк или да се прекине. Но, судот навел дека ценат оти барањето на тужителот го смета како времена мерка, што е спротивно на закон. Нашите правници ги формираат одговорите на тужбеното барање и на жалбата и ќе бидат доставени, но за ова ќе се обратиме и до Републичкиот судски совет каде што ќе се бара нивно разгледување и ќе се поднесе претставка и против судијката која го водела предметот, а ќе биде контактиран и претседателот на Судот. Ќе бараме предметот повторно да биде вратен на рочиште и да се дозволи да ја изложиме нашата одбрана – подвлече Тасевски. Тој дополни дека во времената мерка не стои никаков рок, што значи дека не може да биде времена мерка.
Тој пред медиумите ги изложи доказите дека имаат легитимитет да поведат постапка за штрајк.
– Постапката за помирување од 2023 година не само што е почната туку е и завршена. Имавме и помирувач што ни го додели Министерството за транспорт и врски. Постапката во нашиот случај е почната на 15 мај 2023 година со најавата на штрајк, а помирувањето е завршено со констатација од страна на претставникот на МТСП на 3 јули 2023, односно 15 дена по роковите. Како резултат на таквата постапка е продолжена дискусија со директорите, потпишана е Спогодба на ниво на Колективен договор, што е обврзувачка за двете страни. Токму тоа е она што го бараме цело време во годините наназад со штрајковите што ги закажувавме и откажувавме за да почне да се почитува одредена точка од Спогодбата. Таа е буквално е застаната и нема никакво придвижување откако е дојдена новата менаџерска структура во М-НАВ во август 2024 година до 3 октомври годинава кога повторно ја доставивме најавата за штрајк, а директорите се обидоа да се прогласат за ненадлежни – рече Тасевски.
Сите барања што ги доставиле до менаџментот на М-НАВ го тангираат Законот за работни односи, каде што се повикуваат на одредби за ноќна работа, за условите за работење, за исплата на надоместоците согласно со Закон и Колективниот договор за ангажмани.
– Едно од барањата е подобрување на условите за работа, да се реши проблемот со водата, со денови немаме вода на работа, вработените мора да одат или во Аеродромот ТАВ или во локалните кафеани во Петровец за да извршат нужда – рече Тасевски.
На новинарско прашање, тој оцени дека хакерскиот напад од пред еден месец во М-НАВ е „квалитетот на сите кадри што ги вработија во компанијата сите овие години“.
По една од најавите за штрајк, во јули годинава, раководството на М-НАВ, преку соопштение објави дека преземе чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација. Од М-НАВ наведоа и дека со планираните огласи за вработување ќе се вработат лица, како замена на колеги кои се веќе заминати во пензија или ќе го остварат своето пензионерско право во текот на наредните неколку месеци, генерациски смени и други причини.
Во соопштение по најавата за штрајк на почетокот на месецов М-НАВ соопшти дека работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани, како и дека го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како интегрален дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените.
(С. Бл.)