По пожарот во Трубарево, каде што гореше складиште за електронски отпад, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека ова е ситуација со која државата за првпат се соочува и повика таа да не се политизира и да не се создава паника.
Андоновска нагласи дека сите институции работат во рамките на своите надлежности и се координираат меѓусебно. Таа истакна дека Институтот издал општи препораки во согласност со меѓународните стандарди и дека нивното почитување, особено од страна на ранливите групи, може да помогне да нема здравствени последици.
„Како Институт сме обврзани да вршиме мониторинг на радијацијата и располагаме со современа опрема. Имаме 12 мерни станици кои во секунда покажуваат дали има отстапувања. Во моментов нема никакви отстапувања што се однесува до радиоактивност во воздухот“, изјави Андоновска.
Таа додаде дека ќе се вршат проверки и на почвата и водата, како и на алтернативните извори на вода што ги користат граѓаните. Појасни дека мерењето на квалитетот на воздухот не е во рамки на ИЈЗ, туку тие се задолжени за радиоактивност во воздухот и физички и хемиски својства во почвата и водата, а во тој дел нема отстапувања.
Апелира граѓаните внимателно да ги следат веќе дадените препораки.