Нема притвор за инспекторот што му пишувал на газдата на „Пулс“ да има „ок“ каса и тетратка

1

Судија на претходна постапка од Основниот суд во Кочани одреди мерки куќен притвор за две лица што се даночни контролори од  Штип, за шест лица што беа опфатени во истрагата мерки на претпазливост и за едно лице дополнителна мерка на претпазливост. Основното јавно обвинителство Кочани, кое ја поведе постапката против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс“, најави жалба на мерката куќен притвор.

Според соопштението на ОЈО Кочани, двајцата даночни контролори, кои се во куќен притвор, ги искористиле своите службена положба, овластување и пристап до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци, му ги откривале информациите на одговорното лице во клубот, предупредувајќи го за контролите.

– Тие се осомничени за примање поткуп, додека одговорното лице, син на реалниот сопственик на „Пулс“, е осомничен за давање поткуп – се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Во него се посочува и дека шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и во Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување.

– Сопственикот на „Пулс“, кој веќе е во притвор, во другиот предмет е осомничен за фалсификување исправа, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла, во текот на контролите од УЈП, приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои ги употребувал како вистински, а сè со цел и намера избегнување парични глоби и затворање на објектот – пишува во соопштението од Обвинителството.

Според соопштението на ОЈО – Кочани, осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка, во која ѝ се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривичното дело оддавање службена тајна поради откривање информации за ненајавените контроли.

ИЗДВОЕНИ