Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и Заедницата на единиците на локалната самоуправа ѝ дадоа целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постојниот проблем и потребата за изградба на гробишта за домашни миленици во општините. Според министерот за локална самоуправа, Златко Перински, ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на практиката, по смртта, труповите на милениците да се фрлаат заедно со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и на други несоодветни локации за таа намена, за што, како што вели, ќе треба да се направи соодветна измена на одредени законски решенија. Скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, информира дека она што претстои е да се дефинираат локациите за нивна изградба во општините, како и планирање на инфраструктурата што треба да се изгради таму за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните

 

Во општините ќе можат да се градат гробишта за домашни миленици. Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ѝ дадоа целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за решавање на постојниот проблем и потребата за изградба на гробишта за домашни миленици во општините.

Сопствениците на миленици во главниот град имаат проблем, бидејќи по умирањето на животните, немаат каде да ги закопаат, па го прават тоа скришум. Јавна тајна е дека, иако е забрането, ги закопуваат пцовисаните миленици во дворот или на Водно, а има и такви што ги фрлаат во контејнер, бидејќи нема парцела наменета за гробишта.  Така ризикуваат да бидат казнети, па често пати го прават тоа во вечерните часови за да не бидат видени. Слична е состојбата и во другите градови во државата.

Од АХВ информираа дека директорот Оливер Миланов и стручни лица од Агенцијата неделава одржале работни состаноци со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и со градоначалникот на Гард Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на кои било разговарано за овој проблем.

– Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на практиката, по смртта, труповите на милениците да се фрлаат заедно со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и на други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија – истакнал Перински.

Според Ѓорѓиевски, она што претстои е да се дефинираат локациите за нивна изградба во општините, како и планирање на инфраструктурата што треба да се изгради таму за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните.

Тој потенцирал дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата.

Ѓорѓиевски изразил подготвеност за поддршка и помош на АХВ, преку вклучување на општинските инспектори и на општинските комунални редари, во решавањето на актуелниот проблем со бездомните кучиња.

На состаноците бил ставен акцент и на предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни, преку воспоставување систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа, што наишло на поддршка и од Перински и од Ѓорѓиевски, со ветување дека и локалните самоуправи активно ќе се вклучат во спроведувањето на претстојните законски измени.

Според Директорот на АХВ, Миланов, во предлог законските измени се инкорпорирани забелешките и предлозите што ги дале здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а предвид ќе се земат и предлозите на општините.

– Како одговорна институција и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне на општините во однос на решавањето на техничките прашања при воспоставувањето на системот за контрола на популацијата бездомни кучиња, согласно со можностите, надлежноста и овластувањата на АХВ – заклучил Миланов.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ